МАГАЗИН
Ѕвездени моменти низ фотографии

Една година од трагичното загинување на Тоше Проески, а ништо не бледнее - ниту љубовта ниту спомените
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Секогаш кога ќе ја почувствуваше човечката неправедност, завидливост и грабливост, Тоше си ја читаше Молитвата на Мајка Тереза. Се осамуваше, обидувајќи се да се исклучи од светот. Потоа ќе го преплавеше чувство на милина и потреба сите, ама буквално сите, да ги сака...
Што уште да се рече за златното момче што одненадеж дојде и уште поодненадеж замина. Вистински син на Македонија, еден од ретките што ја повторуваат приказната дека од толку многу љубов никогаш не се умира.
Се обидовме низ фотографии да направиме куса ретроспектива на кариерата на Тоше, низ слика да ве потсетиме на сите негови ѕвездени моменти.

По дождливиот ама успешен концерт на Лизгалиште во 2000 година, утредента Тоше дојде на закажаното интервју со нас новинарите од „Утрински весник“. Беше многу весел и палав, правеше атмосфера, раскажуваше вицеви. Пресреќен оти најмногу сакаше да пее, а претходната вечер се увери дека и луѓето го сакаат тоа. Ова е спомен од преубаво поминато претпладне.

На хуманитарниот концерт во Тетово, за време на кризата во Македонија 2001, Тоше имаше мал репертоар, а голема желба да пее до рано наутро.

Молитви на Мајка Тереза
Човекот е неразбран, нелогичен и себичен, Не е важно, сакај го!
Ако правиш добро, тоа ќе го припишат на твоите себични цели,
Не е важно, прави добро!
Ако ги оствариш своите цели, ќе наидеш на неискрени пријатели и искрени непријатели.
Не е важно, остварувај ги своите цели!
Доброто што го правиш утре ќе биде заборавено,
Не е важно, прави добро!
Чесноста и искреноста ќе те направат ранлив,
Не е важно, биди искрен и чесен!
Она што го создаваше со години во еден момент може да се урне.
Не е важно, создавај!
Ако им помагаш на луѓето, можеш да поминеш лошо,
Не е важно, помагај!
Му го даваш на светот најдоброто од себе, а тој ти возвраќа со тепање.
Не е важно, дај го најдоброто од себе!

Ги сакаше автомобилите, моторите. Слободата да се соочи со својата судбина тет-а-тет.

„Тоше, ожени се со мене“, беше слоганот со кој беше дочекан Проески во Белград на промоцијата на албумот „Ако ме погледнеш во очи“. Самата промоција беше конципирана да биде интимна и за душа. Пред хотелот сосема поинаква слика, армија обожавателки го чекаа својот идол – да им се потпише, да даде автограм, да се насмее...

Речиси секоја биографија на овој голем музичар го спомнува „Златно славејче“ кога тој како 12-годишно момченце ја испеа „Мојот дедо“. Токму затоа Тоше негуваше голема почит кон овој детски фестивал, па така со радост ја прифати поканата да биде дел од гостите на јубилејот.

За Мајка Тереза често пати зборуваше: „Нејзината духовност ме инспирира. Велат, го жртвуваше својот живот за да им помогне на другите. Јас би кажал - кај мајка Тереза не постоеше зборот жртва, туку љубов. А тоа го може само големо срце“.

Кој се сака повеќе од мајка? Тоше имаше нежни чувства кон најблиските, беше многу приврзан, а во рубриката „Жени - херои на мојот живот“ го напиша следново: „За мене најголема жена на светот е мојата мајка. Што да кажам да не звучи изветвено и кои зборови не се излишни? Ќе се сетам на неа и ако не можам да скокнам до Крушево да ја видам, ќе ме преплави бран на милост. Мајка ми ме научи да почитувам, да сакам, да им верувам на луѓето... Ме вооружа со љубов. Доменика има поглед кој во себе има толку топлина што луѓето во нејзината близина како по правило зборуваат потивко. Предадена му е на семејството и со многу разбирање за ситните глупости на луѓето“.

Незаобиколно - каде и да се појавеше, каков и да беше поводот, па и ако го немаше, Тоше беше опседнат со фанови.

Петти октомври минатата година пееше целиот стадион, па и повеќе од тоа. Тоше вети дека следната година ќе биде уште побројно. Стадионот навистина беше полн, преполн. Ветувањето е исполнето.

Оваа фотографија е стара две години и е направена на концертот на Саем. Тоше беше и остана херој на сите, ама децата најискрено, најневино ја чувствуваа неговата добрина. Така му приоѓаа и така остануваа. |