Автомобили
„Шкода јети 1,4 TSI“ - освојува со „даунсајзинг“
Со новата агрегатска понуда, со помала зафатнина, но поголема моќ и економичност „јети“ е уште поатрактивен
Владимир Ристовиќ
Првиот чешки СУВ се покажа одличен збир, како за возење по уредени сообраќајници, така и на „оф роуд“. Поради клиренсот од 18 сантиметри, добро се снаоѓа на изораните ледини, па и на малку посериозни терени, иако не е вистински теренец. Чесите агресивно го освојуваат сегментот на „урнабите кросовери“ со квалитетот понудата, неколку агрегатски изведби и со повеќе пакети опрема. Кога на ова ќе се надоврзе одличната ценовна политика на импортерот „Порше Македонија“ – атрактивни цени, јасно е зошто „јети“ е хит на домашниот пазар во сегментот.
Изведбата што ја имавме на тест имаше бензински мотор, 1,4 ТСИ со 122 КС и погон на предни тркала. Агрегатот се покажа „пасент“„ за „јети“.
Моторот со директно вбризгување гориво под притисок на „Фолксваген“, со ознаки ТСИ е прогласен за агрегат на годината поради високите перформанси и ниската потрошувачка. А со тоа и помала емисија на гасови.
Галопот на 122 КС и со момент од 200 нм плени со перформансите. Со забрзување од место до 100 км/ч за 10,5 секунди и максималната брзина од 185 км/ч (според производителот), означува динамичен СУВ. Оптималната брзина на крстосување на автопат е околу 130 км/ч. со потрошувачка од околу шест литри на 100 км. Во град, ако не форсирате, со вклучен клима-уред троши под девет литри на 100 км. Во просек, „јети“ има потрошувачка помала од седум литри на 100 км. Иако оваа изведба е со погон само на предни тркала и изразената висина од 1,7 метри, одлично ги совладува свиоците и при поголема брзина. Навалувањата се умерени. Ергономијата и комфорот се за пофалба, се' е прегледно, достапно и едноставно за ракување. Седиштата се удобни, како напред така и назад. Солидната опременост, електрика, сето од перници АВЅ, ЕВD, клима-уред, магленки, алу – фелни, радио ЦД со тачскрин...доволно за комфорно и безбедно возење. Со цена од 14. 650 евра, за пакет на опрема „амбишн“, навистина одлична понуда.
„Тесла“ и „Тојота“ со нов заеднички погон
„Tесла мoторс“ во соработка со „Тојота“ отвори нови погони во Фремонт, Калифорнија. Во фабриката порано се произведуваа модели на GM и на „тојота“. Новиот простор „Тесла моторс“ и „Тојота“ ќе го користат исклучиво за производство на електромобили. Првиот електромодел на „Тесла“, „родстер“, досега е продаден во 1.300 единици, но за поголема масовност цената на моделите на „Тесла“ мора да биде пониска. Од таа причина е направен моделот „S“, двојно поевтин од „родстер“. Модел „S“ и наредните модели на „Тесла“ ќе се произведуваат во оваа фабрика. Покрај моделите на „Тесла“, тука ќе се произведува и електроизведби на „тојота RAV4“. Годишното производство на оваа фабрика ќе изнесува 20.000 автомобили.
„Хонда“ најеколошки производител во САД
„Хонда“ е „најзелен производител на автомобили“ во САД, петти пат едноподруго. Титулата веќе 10 години ја доделува здружението „Јунион оф консернед саинтс“ (Union of Concerned Scientists - USC) на производител чии модели имаат најниско ниво на емисија на штетни гасови. Сите модели наменети за американскиот пазар се оценуваат според критериуми воведени од USC во испитувањето спроведено уште на стартот, во 2000 година. „Хонда“ многу вложува во развојот на своите хибридни модели, но и мотори со пониска потрошувачка и емисија на штетни гасови, како што се: „Инсајт“ (Insight), прогласен за најпристапен хибриден автомобил на американскиот пазар и новиот CR-Z.
ФВ наскоро со „голф 6“ кабрио
Веќе во пролет истата година во погоните на ФВ во Оснбрук ќе стартува производството на новиот „голф кабрио“. Во фабриката ќе се вработат 1.800 лица. Многу луѓе сонуваат за „буба кабрио“, „широко“ бе покрив, а сега и новиот отворен „голф“ се гарант за светлата иднина на фабриката, изјави Мартин Винтеркорн, првиот човек на ФВ. Новите погони се во близина на фабриката на „Карман“, светски познатиот производител на преклопливи покриви и други автоделови.
Латино NCAP во светската групација за безбедноста
Латиноамериканската Комисијата за испитување на безбедноста на нови автомобили за Јужна америка стартуваше со тестирања минатиот месец, истовремено, во Монтевидео, Уругвај и во Сао Паоло, Бразил. Првата група од девет популарни модели на овој пазар е тестирана според методите на Еуро NCAP, идентичен тест на фронатален судар како eвропскиот (директен судир при брзина од 64 км/ч). Латинска Америка е брзо растечки пазар на нови возила, но и со рапидно растечки број на сообраќајки со фатални последици. Од тестираните најлошо мина кинескиот „Џили“ со ниту една ѕвезда за заштита на возрасни патници и две за заштита на деца. Најдобри резултати имаа „тојота корола“, со четири ѕвезди за возрасни и една за деца, како и „ФВ голф“ со три ѕвезди за возрасни и две за деца.
Финалисти за „Европски автомобил на годината 2011“
На финалната листа од вкупно 41 кандидат се најдоа седум автомобили: „алфа ромео џулиета“, „ситроен С3/DS 3“, „дачија дустер“, „форд С мах/ гранд С мах“, „нисан леаф“, „опел/ ваксал мерива“ и „волво S/V60“. Кандидатите се нови автомобили што веќе се пласирани или набргу ќе се појават на пазарот во најмалку пет европски заемки и ќе се продаваат во минимум 5.000 парчиња годишно. Носителот на титулата „Автомобил на годината 2011 во Европа“ ќе биде прогласен на 29 ноември годинава од жири составено од 59 автомобилски новинари од 23 европски земји.
„Автомобил на годината 2011“ во Македонија
Националното жири за избор на автомобил на годината 2011 во Македонија ја редуцира листата на 20 можни кандидати: „киа венга“, „киа спортаж“, „хjундаи ix35“, „шевролет спарк“,„рено флуенс“, „тојота приус“, „тојота RAV4“, „BMW 5“, „ BMW X1“, „ауди A1“, „ситроен C3/ DS3“, „митсубиши ASX“, алфа ромео џулиета“, „хонда CR-Z“, „опел мерива“, „волво S60“, „сангјонг корандо“, „дачиа дустер“и „нисан џук“
„Р-5“ нов спортист на „Ауди“
Според информациите од британскиот „Кар магазин“, новиот спортски автомобил на „Ауди“ ќе се вика „Р-5“. Новиот спортист од Инглштад би требало да се појави на пазарот во 2014 година. Компактниот спортист треба да биде пократок од 4 метри, а ќе биде достапен во купе и родстер-варијанта. Во погонската гама се предвидени и 2,5-литарски турбоагрегати, со пет цилиндри, како кај моделот „ТТ РС“ и ќе развиваат
околу 350 КС. |