Tрка за најголем радиски хит
Најголемиот македонски радиски хит за 2010 година ќе се избира меѓу 15 композиции, избрани меѓу 650 селектирани песни од над сто изведувачи, по пат на пристигната радиоселекција. Во финалето на третиот радиски фестивал „МАРС 2010“, кој ќе се одржи на 25 ноември во Универзална сала, се: Ѓоко Танески - „Јас ја имам силата“, Дани - „Не живеам за другите“, Магдалена Цветковска и Врчак - „Црвено сонце“, Влатко Илиевски - „Среќа“, „Некст тајм“ - „Убава“, Роберт Билбилов и Деана Николовска и Скипи - „Не можеш без мене“, Дарко Илиевски и ДНК - „Едно тело“, Маја Саздановска и Тони Зен - „Љубовни состојки“, Александар Белов - „Една“, Ноне - „Немам време јас за чекање“, Димитар Андоновски - „Гледај ме в очи“, Наде Талевска - „Носиш дел од мене“, Александар Тарабунов - „Кажи кој те има“, Оливера Ѓорговска - „Без тебе“ и Ристе Тевдовски - „Ти“.
Гласањето на финалната вечер ќе се одвива по пат на телевоутинг. Првопласираниот ќе добие парична награда од 60.000 денари и бесплатно користење на Универзална сала за солистички концерт до крајот на 2011 година, за второпласираната композиција е предвидена награда од 40.000 денари, а за третопласираната – 30.000 денари.
За авторот на најдобриот текст се предвидени 10.000 денари. Од останатите награди - Советот за радиодифузија на Република Македонија ќе му додели парична награда од 30.000 денари на изведувачот на песната што 43 радиостаници, кои партиципираат на „МАРС 2010“, по сопствен избор ќе ја прогласат за ФМ-хит на годината.
Во ревијалниот дел на „МАРС 2010“ ќе настапат Калиопи, Жељко Васиќ и Жељко Самарџиќ. Фестивалот ќе почне во 20 часот, а директно ќе го пренесува МРТВ. (К.Ш.) |