Данева: Во „Надеж“ го нема претседателскиот потпис
Билјана Јовановска
Предметот „Надеж“, кој Антикорупциска комисија требаше да му го испрати на Јавното обвинителство со иницијатива за кривично гонење на експретседателот Бранко Црвенковски, до вчера попладне се' уште не беше пристигнато на масата на Љупчо Шврговски. Јавниот обвинител Шврговски вчера само изјави: „Кога ’Надеж‘ ќе стаса ќе биде процесуиран како и секој друг предмет. Најверојатно, ќе го работи скопското Јавно обвинителство“.
Илми Селами, претседател на Антикорупциска, тврдеше дека на одлуката за поведување иницијатива за прогон не и' кумувале политички кујни и притисоци, туку дека тој единствено го чувствувал притисокот од Законот за јавни набавки, кој шефот на државата го обврзувал да распише тендер за изработка на ПР-стратегијата. Правни експерти, пак, имаат спротивен став. „Ако тргнеме од тоа дека немало притисоци и политички мотиви, тогаш станува збор за нестручност и за незнаење на претседателот Селами“, тврди Ана Данева, професорка на Правниот факултет. Цени дека токму Законот е многу јасен и го посочува член 8 во кој се наведува дека овој законски документ не се применува за набавка на услуги што се однесуваат на развојна и истражувачка дејност. „Во договорите склучени со тројцата консултантни од Словенија уште во првиот член, каде што е дефиниран предметот на услугата, е наведено дека се бара истражување за претставување на претседателот во јавноста и истражување за промоција на стратегиските проекти на РМ во ЕУ и во НАТО“, појаснува Данева. Истовремено го посочува и член 99 од Законот за јавни набавки во кои децидно е запишано дека тој не се применува за набавка на услуги од ексклузивни права (патенти и слично), а во таа група права влегуваат авторските и сите права од интелектуална сопственост. Поинаку речено, се' ова се однесува на научни, истражувачки, уметнички дела што не подлежат на овој Закон.
Според Данева, тоа е една страна од приказната за „Надеж“. „Втората е фактот дека ниту еден договор не е потпишан од тогашниот претседател на државата Бранко Црвенковски, што значи, дури и погрешно да толкувала Антикорупциска дека постои основа за наводна одговорност, под неа никако не подлежи оној што не го потпишал договорот. Логично е да се изведе заклучок - штом Селами секојдневно во изјавите како одговорен го спомнува Црвенковски, дека свесно прави институцијата со која раководи да ја употреби за политичка хајка против лидерот на опозицијата. Зашто, имињата за кои тој смета дека, наводно, постои одговорност, не се доволно звучни и сензационални како што е името на Црвенковски“, е ставот на Данева.
Весниците во изминатите години пишуваа страници и страници за новите звучни фаци што се ангажирани за да го советуваат претседателот на Владата. Да потсетиме, во октомври 2006 година, премиерот Никола Груевски како странски советник во Владата го ангажираше Ерхард Бусек, првиот човек на Пактот за стабилност. На листата звучни советнички имиња, за чие ангажирање не е распишан никаков тендер, се најдоа и Тео Вајгл и Џон Пак Рајт, американски фармер и милијардер, следуваат Исак Адижес, кој своите менаџерски способности требаше да ги насочи во реформите на економијата. Како советник за интеграции во НАТО беше вклучен и Соломон Паси, и Моника Маковеј, која требаше да ја „пресече“ македонската корупција.
|