Советниците пак контра градоначалникот, не расправаа за ребаланс на буџетот
Ребалансот на буџетот на Град Скопје вчера беше повлечен од дневниот ред на Советот на Скопје. Иако со него градската администрација имаше намера да пренамени средства за реализација на три капитални проекти во следните неколку месеци, Комисијата за финансирање и буџет и мнозинството советници не го уважија барањето на градоначалникот Трифун Костовски уште еднаш да размислат и да не ја повлекуваат точката. Советниците побараа дополнителни материјали од сите 16 сектори во Градот како досега се трошеле парите од буџетот, бидејќи тие информации не ги добиле во барањето за ребалансот.
Со овие информации советниците полесно ќе утврделе дали бараниот ребаланс е оправдан. Точката, веројатно, доколку се соберат потребните информации, ќе биде разгледана на следна седница на Советот.
Лут поради повлекувањето на точката, градоначалникот Костовски го обвини Советот дека по кој знае кој пат се обидува да му ги закочи сите важни проекти кои што сака да ги реализира тој.
„Гласањето на оваа точка беше од витално значење за проектите во градот. Меѓутоа, со оглед на политичката клима која од поодамна владее во Советот, можев и да очекувам вакво нешто од мнозинството. Јасни се намерите да се блокираат сите проекти и да се акцентира ударот над јавните претпријатија, кој е најголем врз ЈСП“, истакна Костовски.
Имено, според барањето на Градот, вишокот од 140 милиони денари над планираните приходи од надоместокот за уредување градежно земјиште, кои ќе се слеат во буџетот до крајот на годината треба да се наменат за изградба и реконструкција на улици, изградба на плоштад околу црквата „Пресвета Богородица“ и за уредување на кејот „Димитар Влахов“, потоа за изградба на жардиниери на неколку булевари и изградба на јавно осветление на двете страни на кејот на Вардар. (С.Н.) |