Камери ќе ги „ловат“ возилата што ќе поминуваат на плоштадот и на кејот

Ќе се монтираат хидраулични столпчиња на пристапот од кај „Блу кафе“ и пред паркингот на хотелот „Холидеј ин“
Деспина Трајковска
Видеокамери ќе ги снимаат кејот и плоштадот „Македонија“ со цел да бидат регистрирани сите возила кои неовластено возат по јавните површини. Со софтверско решение на надзорот ќе се обезбеди распознавање на табличките на возилата кои ќе поминуваат по пешачките зони, при што видеоснимката ќе може да се искористи како доказ против сторителите. Снимањето на пешачката зона и на плоштадот, всушност, ќе претставува осовременување на системот за спречување влез на возила на јавните површини.
Предвидено е екипи на ЈП „Улици и патишта“ да постават по едно хидраулично столпче на пристапот од кај „Блу кафе“ и пред паркингот на хотелот „Холидеј ин“. Дополнително, ќе се зголеми бројот и на постојните челични столпчиња, а ќе се постават и неколку жардиниери.
„Покрај овој сигурносен систем, паралелно работиме на проект за видеонадзор на плоштадот и на кејот, по примерот на Љубљана, Перуџа, Рим. Тој систем функционира беспрекорно и дава повратни резултати. Проектот е при крај, останува уште да се обезбедат средства за негова реализација“, вели Јован Христовски, раководител на Секторот за сообраќај во Град Скопје, изразувајќи верување дека проектот ќе профункционира од идната година.
Според Христовски, хидрауличните столпчиња во комбинација со видеонадзорот на плоштадот и на кејот ќе бидат сигурен систем со кој ќе се спречи дивото и недозволено влегување на автомобили и мотори на јавните површини. Досега, признаваат од Градот, челичните столпчиња не беа доволни за дисциплинирање на несовесните граѓани, а доказ за тоа е и што градските власти досега четири пати поставувале нови обични столпчиња кои биле уништувани.
Инаку, како и досега, пристапот на кејот и на плоштадот ќе им биде дозволен единствено на полицијата, брзата помош, противпожарните и комуналните возила, а од 5 до 9 часот наутро преку пешачките зони ќе можат да минуваат возилата за дотур на стока на околните објекти. |