Женски муабети
Профил: Весна Гиновска - Илкова
ГОДИНИ - 39
ПРОФЕСИЈА - оперска пејачка, доцент на ФМУ
ОБРАЗОВАНИЕ - магистер по оперско пеење
ТАЈНАТА НА УСПЕХОТ - посветеност, упорност, работа и среќа...
РАБОТНА ОКОЛИНА - опкружена со луѓе, мои колеги, студенти, кои секогаш имаат нова енергија. Атмосфера што ретко некаде ја има ...
РАБОТНИ ПРЕДИЗВИЦИ - секоја нова улога, интересен наслов за создавање пишано дело, ме привлекува медицината, но кога ќе се сетам колку години трае образованието... НЕ - повторно од почеток.
ШТО ТЕ РАДУВА - секое сончево утро, секоја петка на моите синови, радост кога ќе потраат хулахопките една недела и не се скинат, ги има уште многу, но се радувам што се' уште ме изненадуваат малите нешта.
Месец на Скорпии
Страстна жена за долги патеки
Кога се зборува за жените од овој воден знак треба да се заборави на мирнотија, пасивност и кроткост. Нивните чувства се еруптивни и големи, сеедно дали станува збор за симпатија или за антипатија. Жената Скорпија ја чувствува сопствената привлечност и сака да даде на знаење дека е поинаква во се'. Важно е нештата да имаат подлабока смисла, а сексот треба да ја задоволи формулацијата „потполно спојување на душата и телото“. Скорпиите се чувствителни и осветољубиви. Доколку сакате само една ноќ со неа, бидејќи ја слушнавте тезата за слободна љубов, не наседнувајте - сигурно е тукушто оставена и разочарана од машкиот род.
Љубовта за Скорпиите не е само страст, туку и постојана борба. Битката треба да заврши со победа.
Оваа жена сака да доминира со луѓето и со случувањата, а најмногу од се', со својот партнер. Нема ни да почувствувате, а веќе ќе се најдете во нејзиниот љубовен кафез.
Корисно
Ѓумбир против стрес
И старите Кинези живееле во сознание дека ѓумбирот не е само мирудија туку е и лек. Неговиот корен се користи како лек за полесно варење на храната и против мачнина. Бидејќи предизвикува потење, одличен е за чистење на организмот од токсини.
Сувиот ѓумбир (во прав) има поинакви особини и се нарекува топол лек, бидејќи ја зголемува температурата, а се користи за забрзување на метаболизмот..
Доколку сте под стрес - ѓумбирот знае да даде чувство на сила и здравје. Свежиот корен треба да се исече на парченца или да се изренда. Може да се меша со варен зеленчук, но одличен е и во приготвување благи работи.
Говор на телото
Коса
За појасно да ја изразат својата симпатија спрема мажот, жените со движење на главата ја тргаат косата од лицето, а за тоа ги користат и рацете. Сигнал со идентично значење е и оближувањето на усните. Истото важи и за мажите, но за разлика од нив, жените никогаш нема да го промашат своето незабележително залижување на косата.
|