ПЕДРО АЛМОДОВАР
Импресиониран од Пенелопе Круз
Најпознатиот шпански режисер Педро Алмодовар уште еднаш потврдил дека негова незаменлива муза е Пенелопе Круз, нудејќи и' улога во својот најнов филм „Брзи раце“.
Добитничката на „Оскар“ за споредна женска улога во филмот „Вики, Кристина, Барселона“ овој пат повторно добила шанса да биде дел од контроверзните филмски проекти на Алмодовар.
Според него, филмот би требало да предизвика огромно внимание и успех кај публиката.
„Навистина го сакам ваквиот филмски жанр. Тој е толку мрачен и изобилува со морбидност, но од друга страна, ја доведува мојата креативност до совршенство“, појаснил Алмодовар, кој деновиве се подготвува да започне со снимањето на филмот.
Станува збор за драматична приказна сместена во мрачните четириесетти и педесетти години на минатиот век, а тематиката е поврзана со љубов, моќ, лаги, предавство и одмазда.
Во средиштето на филмот ќе се најдат четири ликови: бескруполозниот економист Ернесто, филмската продуцентка Џудит, сценаристот и режисер Матео и актерката Лена, чија улога ќе ја толкува Пенелопе Круз.
Според идејата на Алмодовар, токму нејзиниот лик ќе ја доживее најголемата трагедија, бидејќи нејзиниот љубоморен љубовник во излив на нервоза ќе се обиде да ја убие. Пенелопе изјавила дека сценариото ја маѓепсало веднаш.
„Отсекогаш сум била импресионирана од неговите филмови. Имам целосна доверба во него и знам дека ќе направиме одлична работа. Кога станува збор за Алмодовар, веднаш прифаќам да работам со него“, изјавила Круз, која токму на Алмодовар му ја посвети својата златна статуета. |