Европа во целосен хаос
Витни Хјустон отпатува на турнеја со брод, а актер од „Монти Пајтон“ плати 5.000 евра за такси од Осло до Брисел
ЛОНДОН - За човек што работел во „Министерството за глупаво одење“ - скеч од телевизиската хумористична серија „Монти Пајтон“ - хаосот со патувањата низ континентот беше само едноставна пречка. Џон Клиз, кој настапуваше во скечот за Монти Пајтон со високо чекорење, во петокот заглави во Осло каде што настапи на телевизиска ток-шоу програма. Со оглед на тоа што летовите беа приземјени, поради вулканскиот пепел над Северна Европа, Клиз најде друг начин да се врати во Лондон: зеде такси. Од Брисел, што се наоѓа на 15 часови возење од Осло, Клиз резервираше место во возот „еуростар“, за да стигне до Лондон. Патувањето на Клиз, што го чинеше околу 5.140 долари, можеби беше скапо, но не беше најнепријатното патување низ кое минуваа патниците. Кога летовите се откажани, а во возовите нема место, многу луѓе ја користат својата досетливост.
Во меѓувреме, милиони други патници беа оставени без реални опции, фатени во мрежата на маката што ја зафати целата земја. Марте Лоберг и Сузане Вернер од Осло отпатуваа во Лондон на еднодневна конференција, но завршија со дводневно патување место со двочасовен лет. Нивната маршрута требаше да ги однесе со автомобил до Њукасл, Англија, каде што планираа да фатат ферибот, во текот на ноќта, до Амстердам и да најмат уште еден автомобил за да пристигнат до Осло.
Побарувачката за билети за железничката линија меѓу Париз и Лондон предизвика веб-страницата на „еуростар“ да падне неколкупати во петокот наутро, а долги редови се формираа пред билетарниците во автобуската станица „Викторија“ во Лондон од каде што заминуваат автобуси за Париз, Амстердам и Минхен преку тунелот под англискиот канал. „Еуростар“, кој има железнички линии од Велика Британија до Франција и до Белгија, во петокот соопшти дека нема место во неговите 58 возови и дека местата за викендот брзо се пополнуваат. Покрај тоа, својот редовен сообраќај го дополни со три возови; за саботата беа резервирани осум дополнителни возови, а за недела беа планирани уште повеќе. Дополнителни од 17 до 20 илјади патници во петокот требаше да патуваат со возовите на „еуростар“ низ континентот, соопшти компанијата, што е речиси двојно повеќе од вообичаениот сообраќај.
„Заминавме од Мајами во средата“, рече Сенди Мекрит (57), која заглави во железничката станица „Гаре Ду Норт“ во Париз, бидејќи не успеа да најде билет за Лондон, додека се враќаше дома во Единбург. „Имаме само летни алишта“. Шкотскиот тенисер Енди Мареј напиша на „Твитер“: „Вулкански новости... Сите сме во комбе што вози до Барселона“.
Некои луѓе искористија дигитална верзија на старомодното автостопирање. Веб-страницата liftchare.com, со седиште во Велика Британија, која спојува возачи со патници, забележа „мошне видливо зголемување“ во меѓународните дестинации, што се опслужуваа откако беа затворени британските аеродроми. Тие имаа далечни дестинации како што се Берлин, Варшава, Виена, Стокхолм и Хрватска, јави Сесилија Броули-Марти, менаџер за комуникации.
Додека деловните патници се обидуваа да пристигнат дома, некои одморци не беа во можност да заминат - беа заглавени во внатрешноста на аеродромите, наместо да уживаат во убавите глетки. Биргит Ахр и нејзиниот пријател Александар Хофман планираа да поминат пет дена во Истанбул. Наместо тоа, тие лежеа на воени полски кревети во внатрешноста на франкфуртскиот аеродром.
Кели Вилијамс (29) и нејзиниот вереник Бери Стивенс (28), мораа да го откажат венчавката ��о Антигва бидејќи останаа приземјени на аеродромот „Гетвик“ заедно со нивниот кум, трите старосватици, родителите и тројца други гости. „Непрекинато плачев. Ја планирав нашата венчавка три години“, рече Вилијамс, која е инструктор по фитнес од Лестер. Ниту познатите личности не беа поштедени. Витни Хјустон беше принудена да се откаже од луксузот на првата авионска класа и да го замени со место во фериботот „Ајриш си“, за да стигне на настап во Даблин. Сали Би, писателка на кулинарски рецепти, требаше да отпатува во Вашингтон на средба со Мишел Обама, и да подготви оброк за првото американско семејство, но нејзиниот лет беше откажан. „Апсолутно сум разочарана. Не знаев што да правам ова утро“, рече таа.
Последиците од хаосот се проширија и подалеку од Европа. Некои авиокомпании како „Кадеј пацифик“, со седиште во Хонгконг, ги советуваа патниците да ги одложат неважните патувања во Европа за наредните две недели, предизвикувајќи метежи на аеродромите и туристичките агенции низ светот.
Додека Клиз се пробиваше на југ од Норвешка, Трине Руд и Ким Меланд Јоргенсен, кои работат за норвешката телевизиска компанија НРК, се движеа во обратна насока. Руд, која се занимава со детски програми, и Јоргенсен, кој преговара за договори, заглавија во Кан, каде што присуствуваа на меѓународна телевизиска конференција. Тие успеаја да изнајмат автомобил и патуваа преку швајцарските алпи и Германија, за да стигнат во Данска, каде што планира да го поминат мостот Оресунд кон Шведска и да продолжат до Норвешка. Со претстојни 25 часови возење, Руд и Јоргенсен се надеваа дека ќе го завршат патувањето за два дена, но рекоа дека се подготвени за повеќе препреки. „Веќе еднаш се загубивме во Ница и мислам дека сега сме на вистинскиот пат“, рече Руд во петокот попладне, од нејзиниот мобилен телефон седејќи на совозачкото место, додека Јоргенсен возеше кон италијанската граница. „Се обидуваме да го задржиме смислата за хумор, но патувањето е долго“. |