Македонските аеродроми отворени
Затворените европски авиопристаништа ги живнаа железничкиот и патниот сообраќај
Билјана Ангеловска
Македонското небо вчераутро во 8,30 часот беше повторно отворено за сообраќај. Воздушниот простор над Македонија беше затворен шест и пол часа, од два часот по полноќ во недела до 8,30 часот, откако од Европската агенција за авиоконтрола беше добиено известување за присуство на облаци со вулканска пепел предизвикани од ерупцијата на вулканот во Исланд.
Како што ни изјави директорот на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, Зоран Крстевски, првично беше воведена забрана за одвивање на сообраќајот од 02 до 11 часот, но по укажувањата од Еуроконтрол и промената на правецот на ветерот, нотамот е симнат порано и небото е отворено порано од предвиденото.
Сепак, од скопскиот аеродром „Александар Велики“ вчера полетуваа авиони само кон некои авиопристаништа во Јужна Европа. Можеше да се лета кон Рим, Мадрид, Лисабон и кон Истанбул, додека западниот и северниот дел од континентот и натаму останаа недостапни, бидејќи сите аеродроми во западноевропските градови се' уште се затворени.
Иако променетите воздушни струења ги отворија аеродромите во Македонија, бројот на летови од Скопје е ограничен. Тоа ги живна железничкиот и патниот сообраќај и придонесе да се зголеми интересот за патување со воз и со автобус. Според информациите добиени од Железничката станица во Скопје, во изминативе два дена неколкукратно е зголемен интересот за патување со воз до Германија и до Австрија. Но, бидејќи Скопје нема директни врски со кој било европски град, патниците одат до Белград, од каде што се упатуваат до саканата дестинација. Сепак, зголемениот интерес не го зголеми бројот на возови, кои и натаму сообраќаат по вообичаениот возен ред.
Зголемена фреквенција има и на Меѓународната автобуска станица од каде не' информираа дека деновиве е зголемен за 20 проценти бројот на патници. Најмногу се интересираат за патување до Германија. Од Автобуската станица велат дека автобусите сообраќаат на постојните линии за Белград со таа разлика што сега автобусите се исполнети до последното место, бидејќи до Белград можат да се упатат во кој било град во Европа.
Токму од овие причини продажбата на билети на железничката станица во Белград се зголемила за 70 отсто. Од Српски железници соопштуваат дека меѓународниот железнички сообраќај во Србија функционира без застој. Патниците најмногу бараат билети за Прага, Москва, Виена, Штутгарт, Дизелдорф и за Минхен, но и кон Амстердам, Париз и Лондон. Српски железници одржуваат редовна комуникација со останатите железнички управи, со цел да се одговори на барања на патниците.
Инаку, денеска ќе нема опасност од облаци со вулканска прав над Македонија. За тоа придонесува југозападното висинско струење кое е над нашава земја. Облакот во кој има голема концентрација прав од вулканот во Исланд се наоѓа северно од Балканот и веќе помина над Австрија, Чешка, Словачка, Унгарија, а периферно и со мала концентрација ја зафати и северна Србија. Но, како што велат во Управата за хидрометеоролошки работи, овој облак нема да дојде над Македонија, туку се движи посеверно од нас.
„Редовно се следат сите сателитски снимки, а сега дополнително и оние од Британската метеоролошка служба, како и од исландската служба, според која активноста на вулканот се намалува. Денеска не се очекува облакот со вулканска прав да се спушти кон Македонија. Можно е во текот на утрешниот ден да се јават мали концентрации од пепел во делови од нашава држава, но само ако дојде до промена н�� струењето, кое се очекува да биде северозападно и доколку евентуално продолжи активноста на вулканот. Но, и тие концентрации ќе бидат во слабо изразена форма, бидејќи ние сме појужно“, вели Ленче Ризова, дежурен синоптичар во УХМР.
И Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје будно ја следат состојбата со движење на облаците со пепел. Како што соопшти Министерството се' додека пепелот останува во горниот дел од атмосферата, не постои ризик за здравјето на луѓето. Потенцијално влијание врз здравјето може да се почувствува доколку облакот го достигне нивото на земјата, што, според процените на националната и на Светската здравствена организација не се очекува да се случи.
„Досегашните процени говорат дека ниту во европски рамки ниту на национално ниво не е забележано зголемување на концентрациите на цврсти честички со пепел и дека во овој момент нема потреба од воспоставување посебни препораки за ранливите групи на населението.
Министерството и Институтот за јавно здравје и натаму континуирано ја следат состојбата со вулканската ерупција и јавноста ќе биде навремено информирана за секоја промена и за можните здравствени ризици како резултат на движењето на облаците со вулканска прав над нашата држава“, е наведено во соопштението од Министерството за здравство.
Душко Христов од невладината „4х4х4х4 балкански мостови“, кој ја следи состојбата со климатските промени вели дека вулканскиот прав можеби нема да има директно влијание врз човековото здравје, но е сигурен дека пепелот наталожена врз почвата сигурно индиректно ќе влијае врз растенијата и земјоделските производи, што ќе се забележи неколку месеци подоцна. |