Мичуринци со месеци се задушуваа во прав, сега заглавуваат во кал
Кал до гуша, вирови на секој чекор. Улици кои не прилегаат ниту за рурална населба, а камоли за дел од најурбаната општина во државава. Ваква е ситуацијата во населбата Мичурин, каде што, за да биде проблемот уште поапсурден, се наоѓа и седиштето на Општина Аеродром.
Само на чекор од кабинетот на градоначалникот, улиците се без асфалт повеќе од четири месеци. Иако можеби оправдано, тие беа раскопани цело лето заради изведба на нова канализациона мрежа. Но, работата толку се одолжи што жителите велат дека веќе едвај ја поднесуваат таквата состојба, особено во овој период кога врнежите од дожд се се' позачестени.
„Ставаме кеси на нозете за да не заглавиме во калта кога се движиме и до најблиската продавница. Летово, пак, дома не смеевме да отвориме ниту прозорец, бидејќи прашина се креваше на секој чекор. Изминаа четири месеци откако ја завршија канализацијата, а од општината неколку пати најавуваа дека улиците ќе бидат асфалтирани. И тоа во рок од 15 дена, но очигледно е дека сме прелажани“, се жалат мичуринци, кои се прашуваат во каква ли состојбата ќе бидат улиците доколку заврнат пообилни снежни врнежи, или ако температурите значително ќе опаднат.
Жителите велат дека одамна ги напуштил оптимизмот оти ветувањата на надлежните, конечно, ќе се остварат. Половина на шега, половина сериозно коментираат дека можеби улиците наскоро преку ноќ ќе бидат асфалтирани, оти претстојат локални избори. (Дс.Т.) |