По една година затвор за обвинетите од бродската несреќа во Охрид
Затворски казни добија Сотир Филески, капетан на бродот „Илинден“, и претставникот на германски „Лојд“, Бранко Баиќ
Веле Митаноски
ОХРИД – Затворски казни за Сотир Филески, капетанот на бродот „Илинден“, кој потона во Охридското Езеро и за претставникот на германски „Лојд“, Бранко Баиќ. Ваква одлука донесе Основниот суд во Охрид, кој вчера им ја соопшти пресудата на обвинетите за несреќата со бродот „Илинден“ кога пред две лета во водите на Охридското Езеро се удавија 15 бугарски туристи.
„Не се чувствувам виновен, но жалам за несреќата во која загинаа 15 бугарски туристи. Тој момент секогаш ќе остане во мене како тажно сеќавање со кое тешко ќе се справам се' додека сум жив“, рече по пресудата капетанот Филески.
И одбраната на младиот капетан смета дека Филески нема никаква вина и ќе ја обжали пресудата, а дека Филески не треба да добие затворска казна, во завршните зборови, се изјасни и полномошникот на дел од преживеаните бугарски туристи Никола Мујоски.
„За Сотир Филески не треба да се изрекува казна. Моите клиенти сметаат дека направил натчовечки напори, жртвувајќи го и сопствениот живот. Последиците од несреќата се доволна казна за него“, рече Мујоски, кој побара да се казни второобвинетиот Баиќ, но и да се има предвид видот на вината на владината администрација што склучила договор со германски „Лојд“ за преглед на исправноста на бродовите во езерото“, смета Мујоски.
Мујоски побара да се утврди кривично-правна одговорност на сите што направија пропусти во несреќата, која заврши со голема трагедија, меѓу кои и владината администрација што склучува договор за издавање сертификати со надлежна компанија.
Според пресудата, капетанот на бродот ги прекршил законот и прописите за внатрешна пловидба поради тоа што не го одржувал соодветно системот за управување, а денот кога се случила несреќата, на бродот имало повеќе патници од дозволеното, од кои дел биле сместени на дополнително изградена палуба на која не смеело да се превезуваат патници. Претставникот на „Лојд“, пак, е виновен затоа што издал сертификат за техничка исправност на бродот, а не ја забранил употребата на дополнително изградената палуба.
Бродот „Илинден“ е произведен во 1924 година. Се преврти и потона во водите на Охридското Езеро на 5 септември 2009 година на околу 200 метри од брегот кај автокампот „Елешец“. Притоа загинаа 15 од 56 патници, туристи од соседна Бугарија, кои со „Илинден“ пловеа на излет во Свети Наум. |