Старите членови на ПДП се против спојувањето со ДПА
ПДП не е самостоен трговски дуќан и некој како Абдулади Вејсели да ја однесе во стечај кога ќе му текне, велат поранешните членови на партијата
Се најавува обновување на партијата и враќање на првичните основи
Билјана Јовановска
По неочекуваното постизборно приклучување на Партијата за демократски просперитет кон ДПА, гласачкото тело на Албанците што и' ја даде довербата на ПДП е разочарано, а некогашните основачи на најстарата албанска партија кај нас размислуваат на легален начин да ја вратат на првичните основи.
Тоа што нејзиниот лидер Абдулади Вејсели на претседателот на ДПА, Мендух Тачи, на тацна му даде 10.609 гласа од „просперитетот“ го оценуваат како обична манипулација со волјата и гласовите на албанското гласачко тело. Со овој потег, смета Назми Малиќи, поранешен член на ПДП, Вејсели на најлош можен начин заокружи дел од лошата историја на Партијата за демократски просперитет.
Подолго време поранешните членови на ПДП, пред се', крилото што го сочинуваат видни интелектуалци, не гледаат со симпатии на политичките потези на Вејсели, но последниот го надмина нивното трпение. Иницијативата за обновување на ПДП не е нова, но сега се решени да ја доведат в ред партијата и да не дозволат нејзино натамошно приватизирање од Вејсели и двајца-тројца негови поддржувачи, кои од спојувањето со ДПА на Тачи очекуваат позиции во новата власт.
Малиќи потврдува дека иницијативата не е вчерашна, но вели: „Нема оправдување за тоа што дозволивме Абдулади Вејсели да раководи со ПДП во последните три години“.
За најновите случувања во ПДП побаравме мислење и од Абдурахман Алити, еден од основачите и прв лидер на партијата. Но, само кусо ни одговори: „Секако дека имам свој став, но веќе се повлеков од политиката и јавните случувања и не сакам да се впуштам во какви било коментари“.
И според претходникот на Вејсели, поранешниот претседател на ПДП, Абдулменаф Беџети, најавата за приклучување на партијата кон ДПА е проблематична и има две димензии. „Прво, вакво самоволие не дозволува Статутот на ПДП, доколку во меѓувреме не е сменет“, објаснува Беџети.
Тој тврди дека е недозволиво таква одлука да носи поединец, па дури и да е претседател на партијата. За ваков крупен пресврт би морало да расправа Централното собрание на ПДП, како највисок орган меѓу два конгреса. Втората димензија на проблемот, според екслидерот, е политичката. „Партијата за демократски просперитет, која беше политичка школа за Албанците, не смее да заврши вака“, дециден е Беџети и додава дека со неа никој не смее да си поигрува, зашто во Лабуништа, на пример, амблемот на ПДП е ставен на стотици албански гробови. Партијата, како што вели, не е самостоен трговски дуќан и некој да ја однесе во стечај кога ќе му текне, така што желбата на актуелниот лидер на ПДП и не е лесно остварлива.
Детето (ДПА) да ја голтне мајката (ПДП), објаснуваат нашите соговорници, не е правило во политичкиот живот. Затоа тие деновиве ќе поработат на долгорочна стратегија на партијата, но претходно ќе се обидат ПДП да ја вратат на старото членство на легален начин. Започнаа средби и разговори со невладини организации и претставници на меѓународната заедница, но и албански интелектуалци. Доколку треба, подготвени се и за пререгистрирање на ПДП, но ќе настојуваат да се задржат постојните партиски симболи.
Вејсели може да оди каде што сака, смета Малиќи, но не и ПДП, така што доколку партиските органи го поддржуваат сегашниот лидер, некогашните членови кои сакаат „просперитетот“ да го постават на други основи ќе се соочат со контраодлуки.
Ќе настојуваат и во идниот закон за избори да им се стави крај на партиските трансфери, бидејќи без стабилни партии, тешко одржлива ќе биде и стабилноста на политичкиот систем. Меѓутоа, пред да ги повлечат првите потези, ќе го почекаат крајот на изборниот процес за да не внесуваат дополнителни превирања во албанскиот политички блок. |