Големите партии и коалиции ги изедоа малите на изборите
Избирачите не сакаат да го трошат гласот за партии кои немаат значајно влијание
Жаклина Хаџи-Зафирова
Двата коалициони блока предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги збришаа помалите партии на изборите, од кои само Партијата за европска иднина успеа да освои само еден пратенички мандат. Со исклучително лош изборен резултат, во парламентот не успеа да влезе неговиот поранешен претседател Љупчо Јордановски, кој на овие избори настапи сам, предводејќи ја Партијата на слободни демократи.
Но, неговиот резултат не беше толку разочарувачки како оној на синдикалецот Пецо Грујовски. За изненадување, пак, некои од партиите кои не се активни на политичката сцена, како СДПМ на Бранко Јаневски, освои повеќе гласови отколку некои други, кои и' се подобро познати на јавноста поради прелевање гласови, бидејќи на своите листи имаше двојници со оние на опозиционата СДСМ.
Од малите партии, генерално, се незадоволни од изборните резултати, за кои го обвинија лошиот изборен модел и застрашувањата кон гласачите на избирачките места. Експертите велат дека малите партии се однапред осудени на неуспех на изборите, ако претходно не одлучат да влезат во коалицијата со една од четирите големи партии, кои и понатаму ќе ја диктираат политичката сцена во земјава.
Со само 450 освоени гласа, најслабо на изборите се рангираше портпаролот на Сојузот на синдикати на Македонија Пецо Грујовски, кој предводеше група избирачи. Тој не ги доби гласовите ниту од оние 1.000 граѓани, кои му беа потребни да се кандидира на избори. Грујовски не го крие разочарувањето од изборниот резултат, за кој вели дека се должи на моќта на двете коалиции.
„Со ова не изгубив јас лично, изгубија работниците во Македонија“, додава тој. Грујовски објаснува дека кај македонскиот електорат е создадена свест да се гласа за една или за друга партија, а третата опција како да не постои за граѓаните. „Очигледно партиите имаат големо влијание врз синдикалното членство, бидејќи и тоа гласаше партиски, но не сакам да ја фрлам вината врз никого“, ни изјави Грујовски, кој очекувал да добие поддршка од работниците и стечајците.
По Грујовски, следуваат Трајното македонско радикално обединување со 1.850 гласа и ВМРО-Демократска партија со 2.335 гласа. Тука некаде е и Партијата на слободни демократи на Љупчо Јордановски, на кого поддршка му дадоа 4.335 гласачи, кој доби приближно исто ка��о и ТМОРО-ВЕП. Повеќе гласови од партијата на Јордановски, односно вкупно 6.312 доби Социјал-демократската партија на Македонија на Бранко Јаневски, која во јавноста беше прозвана поради двојниците на кандидатските листи. Од помалите партии, најдобро на изборите си помина Партијата за европска иднина на Фијат Цаноски, кој единствено си обезбеди пратеничко место. Во неговата ПЕИ извисија доскорешните пратеници Есад Рахиќ и Зоран Витанов, кои му се придружија пред изборите.
„Во Македонија мора да се менува изборниот модел со цел земјава да биде една изборна единица. Овие избори докажаа дека и поорганизирани партии потешко можат да имаат пратеник, а камоли помали партии. Големите ги јадат малите“, ни изјави Цановски. Тој додаде дека не се задоволни од резултатот, иако дале се' од себе да имаат добри резултати.
„Мислам дека луѓето беа преплашени од текот на гласањето и затоа се одлучија да се приклучат кон големите блокови. Многу наши активисти ни го потврдија тоа, бидејќи се следело кој каде излегува и за кого гласа“, потенцира лидерот на ПЕИ за кого овие избори се најтешко одржаните досега.
Ненад Марковиќ, политиколог, вели: „Луѓето не сакаат да го трошат гласот за партии кои немаат значајно влијание. Сме се навикнале политичкото нишало да бие меѓу двата политички блока. За граѓаните гласањето за помалите партии е фрлање глас во вода“. Марковиќ нагласува дека проблемот со лошите изборни резултати на малите партии не е во изборниот модел, бидејќи тој нема изборен праг и затоа не е хендикепирачки. Според него, кај нас постои бипартиски модел кој е и етнички пресликан, а фракциите што произлегуваат од партиите имаат само привремен успех. „Онаа трета алтернатива или погрешно наречениот трет пат беше делегитимиран во време на Демократската алтернатива. Оттогаш доживеа неуспех и не успеа да се врати идејата за трета опција“, смета Марковиќ. |