Груевски во улога на претседател на ДИК
Премиерот му дал ветување на Солана дека ќе се повтори гласањето пред да го соопшти тоа ДИК
Во услови на целосен молк на Државната изборна комисија, која никако да излезе во јавноста и да соопшти каде ќе има прегласување на изборите, премиерот Никола Груевски како да ја презеде улогата на прв човек на државното изборно тело.
Претседателот на Владата во завчерашниот телефонски разговор со еврофункционерот Хавиер Солана дури му дал ветување дека „ќе се повторат гласањата таму каде што биле регистрирани инциденти“. За тоа време претседателот на ДИК, Јован Јосифовски, тактизираше со одржување прес-конференција, која се одржа вчера во доцните попладневни часови. Последното обраќање на челникот на ДИК беше на денот на изборите - точно на полноќ, кога беа објавени неофицијалните првични збирни резултати од гласањето, како и процентот на одѕив на граѓаните .
Владиниот портпарол Ивица Боцевски не гледа ништо спорно во однесувањето на својот претпоставен. „Се случија многу очигледни работи на денот на изборите. Гласањето беше прекинато, полицијата беше повикана да интервенира. Логично е дека ќе има прегласување на местата каде што имало прекин во гласањето“, вели Боцевски и додава: „Одговорот на институциите мора да биде недвосмислен, дека секаде што имало големи нарушувања на изборниот процес гласањето ќе биде повторено“.
Боцевски на денот на изборите и самиот излезе во јавноста со изјава која се состоеше во следнава констатација: „Нема да биде прифатен ниту еден од резултатите што ќе пристигнат од избирачките места каде што се случуваше принуда, насилство, полнење кутии или други нерегуларности“. (Г.Д.) |