Роман Полански
Од притвор веднаш на „Богот на масакрот“
Роман Полански, кој беше ослободен од домашниот притвор во Швајцарија, во почетокот на 2011 година ќе започне да ја снима филмската адаптација на пиесата „Богот на масакрот“ од Јасмина Реза
Француската драмска писателка Јасмина Реза изјави дека Роман Полански, кого Швајцарија одби да им го депортира на САД, во почетокот на 2011 година ќе започне да ја снима филмската адаптација на нејзината пиеса „Богот на масакрот“.
„Секако дека од понеделникот (кога е ослободен) разговарав со Роман. Тој се чувствува одлично и многу сум среќна поради него“, изјавила Јасмина Реза за Франс прес од Венеција, каде што моментално се наоѓа. „За тоа разговаравме уште пред неговото апсење. Вистинската работа започна кога му беше одреден домашен притвор во неговата куќа во Гштад, каде што го посетив неколку пати“, прецизирала Реза.
„Заедно го напишавме сценариото за филмот. Кога го завршивме, ангажиравме преведувач, зашто дејството ќе биде префрлено во САД, попрецизно во Бруклин и зашто филмот ќе биде снимен на англиски јазик. Заедно го надгледувавме и преводот, но тој е оној главниот“, додала авторката на драмскиот текст и навела дека снимањето е планирано за почетокот на 2011 година.
„Локацијата се' уште не е одредена, но бидејќи Роман смее да патува само во Полска, Швајцарија или Франција, големи се шансите, снимањето да биде негде близу. Во секој случај, ќе се снима во студио, бидејќи тоа е камерна драма. Актерите се' уште не се избрани, но веќе сме во контакт со некои“, открила Јасмина Реза.
Иако Швајцарија одбила да го депортира во САД и го ослободила од домашниот притвор, на 76-годишниот режисер му се заканува опасност поради меѓународната потерница, која важи во 188 земји, а која е издадена поради сексуални односи со малолетничка во 1977 година.
Режисерот своевремено ја признал вината за незаконски сексуален однос, но побегнал од САД во Франција, пред изрекување на пресудата во 1978 година.
На 26 септември 2009 година Полански беше уапсен по доаѓањето во Цирих, каде на еден фестивал требаше да прими награда за животно дело. Во почетокот на декември беше пуштен со кауција од 4,5 милиони швајцарски франци (3 милиони евра) и оттогаш беше во домашен притвор во својата вила во планинското место Гштад. (Ј.П.) |