Кирил Џајковски и филмот за Тоше - адути на „Демофест“ во Бања Лука
Од 21 до 24 јули својата среќа на „Демофест“ ќе ја пробаат 36 бенда, од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, меѓу кои и „Вандал“ од Куманово, Македонија
Јасминка Павловска
Тоа што ќе се случува во Бања Лука (Босна и Херцеговина) од 21 до 14 јули годинава под името „Демофест“ не може да се сведе само на фестивал. Она што веќе трета година се случува во Бања Лука, организаторите на „Демофест“ го нарекуваат мисија. Целта на нивната мисија е преку рокенролот да го вратат бунтот во душите на младите и урбаниот дух во градовите од регионот.
Тоа се обидуваат да го постигнат давајќи им шанса за музички натпревар, афирмација, комуникација, дружење и победа на демо-бендови од регионот на поранешна Југославија. Годинава, својата среќа на овој демо-фестивал ќе ја побараат 36 бенда, кои ја минаа селекцијата, од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, меѓу кои и „Вандал“ од Куманово, Македонија. Бендот „Фајтинг виндмилс“ од Скопје, кој ја мина селекцијата дополнително е дисквалификуван, откако е утврдено дека има потпишан договор за издавање албум со една издавачка куќа.
Иако демо-бендовите се главните херои на „Демофест“, сепак, организаторите предвидуваат и атрактивна ревијална програма со ѕвезди од светската музичка сцена. Првата вечер на фестивалот, на 21 јули настапува британската група „Стерео Ем-Си“, додека на 22 јули, атракција на фестивалот се Кирил Џајковски, Рас твид и Сеџук оркестра. За третата вечер е предвиден настапот на Британците од „Њу јанг пони клаб“, додека на последната вечер на фестивалот настапуваат њујорчаните под името „Фан ловин криминалс“.
Покрај ноќите и времето со дневна светлина, „Демофест“ е исполнет со разновидна програма: филмови, главно со музичка тематика и музичари, кои ќе се прикажуваат во мултиплекс - киноцентарот на Бања Лука. Во оваа програма е предвидено да се прикаже и документарниот филм за Тоше Проески „Hardest thing“. Освен филмската програма, предвидени се и други содржини и работилници, каде што ќе учествуваат и проследувачот на демо рок-сцената од Македонија, Тошо Филиповски.
Во секој случај, за четири дена, „Демофест“ во Бања Лука младите рокери ќе се потрудат да докажат дека сивата мозочна маса се цени повеќе од мускулната, дека благородните идеи во главата вредат повеќе од благородните метали околу вратот, дека енергијата на младоста е посилна од силата на карбураторот на џиповите... |