Прва изложба на Владимир Георгиевски во Битола
Владимир Георгиевски, „Св. Ѓорѓи ја убива ламјата“
Под наслов „Св. Ѓорѓи ја убива ламјата“, денеска во големата сала на НУ Завод и музеј Битола во 18 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на сликарот Владимир Георгиевски, прватa авторова презентација пред битолската публика. Ќе бидат изложени слики, скулптури и цртежи, создавани во различните негови творечки периоди. На отворањето ќе говори поетот Михаил Ренџов, во чиј текст, делата на Георгиевски се именувани како „дела кои истечуваат од длабоките стерни на битието“.
„Владимир Георгиевски е сликар чие творештво е бележано со пален знак на благословот и проклетството. Тој твори како и што дише, затоа кај него не поминал ’ни ден без линија’. Целото негово битие е натлачено од возбудата со која го живее животот и светот околу себе. Тој умее да се восхитува и да се тревожи, да се радува и тагува, да крикне од болка на убавината и да се помоли за таа убавина“, ќе посочи меѓудругото Ренџов.
Георгиевски дипломирал на Академијата за ликовна уметност во Белград каде што завршил и постдипломски студии. Остварил студиски патувања во Англија, Франција, Шпанија, СССР и САД, а работи како професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Самостојно излагал во Скопје, Белград, Виена и на повеќе групни изложби во Белград, Пијатра Неани (Романија), Љубљана, Нови Сад, Хановер, Киев, Рим итн. Носител е на повеќе награди за уметност. Изложбата е во организација на Завод и музеј Битола, а е финансирана од Министерството за култура. (К.Б.) |