РАЗГОВОР
Етничкото потекло денеска стана професија
На прашањето како се чувствува српскиот режисер Желимир Жилник, вели дека е бивш режисер од бивша Југославија
Сунчица Уневска
Доаѓањето на големиот српски режисер Желимир Жилник (1942), еден од претставниците на некогашниот „Црн бран“ во Југославија, во Кинотеката на Македонија предизвика големо интересирање, па во само еден ден тој имаше средба со студентите по филм, со новинарите, а на крајот и со публиката по прикажувањето на неговиот најнов документарен игран филм „Кенеди се враќа дома“. Но, по се' изгледа дека Жилник не се умори, тој е навистина исклучително витален и вљубен во својата работа, која веќе 40 години ја работи со истиот ентузијазам, жар, па и идеали. Во смисла дека на состојбите може и треба да укаже, дека нешто може да каже и направи, па понекогаш дури, иако ретко, и нешто да придвижи. Неговите филмови отсекогаш предизвикуваа големи реакции, тој беше прогонуван прво од поранешна Југославија, а потоа дури и од Германија. Но, Жилник и денес го прави истото тоа како неуморен хроничар на своето време, но еднакво остро, критично и бескомпромисно.
Желимир Жилник уште со својот прв документарец во 1968 година „Невработени луѓе“ го доби „Сребрениот медал“ во Белград, а со првиот игран филм „Рани трудови“ од 1969 година ја доби „Златната мечка“ во Берлин. Заедно со Живоин Павловиќ и Душан Макавеев го предводеа тогашниот „Црн бран“, кој донесе исклучителни остварување во 1970-тите години во Југославија. Поради проблеми со режимот, потоа отиде во Германија каде што снимаше документарци, се разбира, ангажирани, па и таму имаше проблеми. Други негови познати филмови се: „Рај“, „Друга генерација“, „Убави жени поминуваат низ град“, „Така се калеше челикот“, „Тито по втор пат меѓу Србите“, „Каде плови овој брод“, „Тврдината Европа“ и други.
Новиот филм што го видовме во Кинотеката „Кенеди се враќа дома“ од 2003 година се осврнува на една од поновите небулози, кога Ромите преку ноќ се вратени од Германија, каде што живееле по 10-15 години. Имено, српската влада потпишала договор со Германија, која требало да и' префрли пари, а таа да се погрижи за згрижување на вратените семејства. Но, ни денар од овие пари не отишле за ова население. Интересно е дека прикажувањето на целата оваа манипулација со луѓето предизвикало ефект, зад кој застанала Партијата на зелените во Германија, па имало и некакви поволности за другите бегалци кои се' уште живееле во оваа земја.
„Темата на емиграцијата, како што рече Жилник на средбата со новинарите, е клучна за балканските народи. Ако треба да кажам за што биле моите филмови во текот на сите овие години во кои работам на филм, би рекол дека секогаш сум правел трагикомедии за социјализмот и за транзицијата. Но, кога станува збор за овој период на транзиција, период во кој се случија многу работи, во кој се случи една брутална војна произведена и манипулирана од тогашниот политички слој, она што е најкарактеристично е дека многу луѓе решија да побегнат. Само од Србија заминаа еден милион луѓе. Ситуацијата е таква што и денес кога нема војна, во анкетите со младите луѓе дури 70 проценти одговараат дека сакаат да си одат одовде. За мене тоа не е само економско прашање, туку изгубен идентитет. Населението во овие наши нови држави има длабока несигурност за тоа како се чувствува и каде припаѓа. Затоа тоа прашање на емиграцијата стана наше еминентно, интимно, балканско прашање“.
Збунетите и несреќни Кенеди и Денис во филмот „Кенеди се враќа дома“
Со Жилник се осврнавме и на темите со кои се занимаваше во неговите филмови и за време на претходниот режим, а кои и сега се актуелни. Како што се невработеност, насилство, проблеми со идентитетот, догматизам и идеолошки табуи, апсурдни ситуации. Но, како што зборуваше Жилник, во времето на Тито, проблемите, сепак, биле прилично помали. „Кога го правев филмот ‘Невработени луѓе’, мојата генерација во 1966/67 година беше шокирана кога од 4 до 7 проценти од населението остануваа без работа, а денеска во оваа демократија и во новиот стопански систем, кој е економичен и хуман, без работа остануваат од 30 до 40 проценти“, зборуваше Жилник. Тој истакна дека и во поглед на идентитетот, догматизмот и идеологијата има битна разлика, бидејќи тогаш имавте можност за некакво определување. Додека денес во владејачките структури нема само една, туку неколку партократски номенклатури, чија идентификација е национална и религиозна.
Тој зборуваше за денешната идентификација за која смета дека е длабоко нехумана и антихристијанска. Тоа дека денеска сме идентификувани како Македонец, Србин, Босанец и дека од тоа ни зависи работата и кариерата. Тоа што е страшно е дека денеска од етничкото потекло нашата владејачка класа прави професија. Тој раскажа една, како што ја нарече, „надреална“ ситуација додека работел заедно со студенти од Берлин, Мостар, Љубљана, Нови Сад, Истанбул на тема „Поделениот бог“, односно на тоа како денес во новиот систем на вредности се' се национализира и приватизира и се става под хиерархија на номенклатурите на националната бирократија, па дури и господ.
Во една позната школа во Мостар, како што објаснуваше тој, децата биле поделени така што на првиот спрат учеле деца со бошњачки имиња, а на вториот деца со хрватски имиња. Освен тоа, на долниот спрат се учело според програмата на федерацијата, а на горниот според хрватската национална програма. Се инсистирало децата да зборуваат на јазикот со новото говорно наречје и да не се дружат. Тие надвор, вели Жилник, се најдобри другари, но тука на 300 метри од училиштето стоела полицијата и професорите и не им дозволувале дружење. „Нема поголема сегрегација, таква нехумана мерка немало ни во најлошите комунистички диктатури. Знаете, нема никогаш да речам дека Тито не бил диктатор, тој беше табуизирана личност и авторитарен водач, но за југословенските народи неговиот режим носеше многу подобри работи“, додаде овој голем автор, кој дефинитивно плени со својата ангажираност, која и понатаму останува независна од власта иако обратно би поминал многу полесно.
А на крајот на прашањето како се чувствува, Жилник одговори дека тој е бивш режисер од бивша Југославија. Интересно, но на крајот изгледа иронично каде може да не' одведе животот и дека и од најголемата небулоза има и поголема. Но, луѓето, барем оние вистинските борци, ја продолжуваат својата борба без оглед каде ќе ги одведе тоа. На крајот на краиштата, тоа не е ни важно, важно е интимното чувство на достоинство и храброст, кое го краси овој голем автор. |