Колку се богати градоначалниците
Владимир Тодоровиќ, Петре Латиновски и Стевче Јакимовски
Татковците на општините се со длабоки џебови, газди на недвижен имот, возила, пари...
Катица Чангова
Градоначалникот на скопската Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, е веројатно богат или приближно рамен по богатството што го поседува таткото на Сплит, Жељко Керум, кој инаку се смета за најбогат хрватски политичар. Богатствата на овие градоначалници воопшто не се за потценување ако се знае каков е животниот стандард на просечните македонски и хрватски граѓани. Цифрите за имотот во недвижен имот и во пари, кои во анкетните листови до надлежните антикорупциски институции ги пријавиле Тодоровиќ и Керум, ја зашеметуваат главата. На контото на градоначалникот на Центар има 3,5 милиони евра, а неговиот колега по функција од Сплит тежи 18 милиони евра. И двајцата не пријавиле автомобили.
Можеби на прв поглед тука нема некое совпаѓање за да се прават паралели.
Но, за финансиските експерти има простор за дополнителни математики затоа што Тодоровиќ, на пример, во формуларот оставил празни графи со „непроценета вредност“. Сопственикот на синџирот маркети „Тинекс“, кој раководи со најурбанизираната општина во Скопје, не запишал колкава е вредноста на неговото бизнис-царство. Тодоровиќ е единствен содружник, како во компанијата „Тинекс“, така и во фирмата „Антера“, која неодамна почна да ја гради првата катна гаража во Капиштец.
„Објектот ќе има приземје, три ката и потпокрив и ќе биде со капацитет од 500 возила. Во приземјето ќе има голем супермаркет и 20 локала и, се надевам, тие ќе успеат да ги задоволат потребите на потенцијалните купувачи. Неговата изградба заедно со земјиштето, комуналиите и опремата ќе чини околу 12 милиона евра и треба да заврши за една година“, изјави на почетокот од изградбата Тодоровиќ.
Две куќи од 400 и 300 квадрати во Скопје и во Охрид вредни 90 милиони денари пријавил Тодоровиќ, а негов личен имот е и стан од 50 квадратни метри во Скопје од три милиони денари. Негов мираз е и земјиште во Скопје од 700 квадрати, проценето на 12,5 милиони денари, а земјиштето на неговата сопруга е во Скопје и е многу вредно - 55 милиони денари. Тодоровиќ четири пати во годината, или триме��ечно зема камата од 8.000 евра на орочени средства, а неговиот орочен девизен депозит во Тутунска банка е 500.000 евра. На својата трансакциска сметка сопственикот на „Тинекс“ има 2 милиона денари, а на денарската платежна картичка 1,5 милион денари. Годишниот приход од приватна фирма на Тодоровиќ му носи 3,9 милиони денари.
Според „Јутарњи лист“, сплитскиот градоначалник Жељко Керум е најбогатиот хрватски политичар. Керум моментно пријавил имот во вредност од околу 18 милиони евра, иако локалните медиуми тврдат дека неговата имотна состојба се проценува меѓу 300 и 500 милиони евра. Тој во лична сопственост има седум куќи, неколку вредни земјишта, хотел и дури осум милиони евра заштеди. Освен овој капитал, чија вредност се проценува на дури 500 милиони евра, Керум поседува две куќи во Сплит вредни три милиони евра, три во сплитската околина вредни околу 300.000 евра и две во Загреб - 900.000 евра. И градоначалникот на Сплит побегнал да пријави скапи автомобили, неколку „мерцедеси“, „ферари“ за кои локалните медиуми претпоставуваат дека се регистрирани на некоја од неговите фирми, а во пријавата недостасувала и јахтата од десет милиони евра.
Ако се ѕирне во имотните листови на градоначалниците кај нас може да се види дека повеќето имаат длабоки џебови, поседуваат станови, куќи, приватен бизнис, скапи автомобили и големи заштеди. Меѓу поскромните е скопскиот градоначалник, Коце Трајановски.
Старо-новиот градоначалник на скопската Општина Бутел, Петре Латиновски, и овој мандат котира високо по богатство. Тој има бензинска станица вредна 1.000.000 евра, земјоделско земјиште од 1.000.000 евра, магацински простор од 300.000 евра, плинска станица од 100.000 евра. Како личен имот Латиновски пријавил три стана во Скопје од 140.000 евра. Од возила тој има две камион-цистерни од по 15.000 евра, „рено меган“ од 14.300 евра и „фијат сеиченто“ од 2.000 евра. Приходите од земјоделието, бензинската станица и плинската станица се 20.000 евра. На име на сопругата Латиновски пријавил орочен девизен депозит од 30.000 евра.
И градоначалникот на Карпош има со што да се пофали од богатство. Поранешниот министер Стевче Јакимовски пријавил куќа од 120 квадрати во Скопје вредна 120.000 евра и сопственост на градежно земјиште од 8.500 евра. Тој нема возило, но неговата сопруга вози „ситроен“ од 13.500 евра, купен минатата година.
По основ на даден заем Јакимовски има побарувања во висина од 220.000 денари. На една девизна штедна книшка на неговата сопруга пријавил 3.492,77 евра, на друга 332.12 евра, како и орочен депозит од 311.082 денари. На име на деца има запишано орочен денарски депозит од 270.000 денари, а како личен имот орочен денарски депозит од 685.000 денари и орочен денарски депозит од 851.440 денари. На една трансакциона сметка пријавил 13.510 денари, а на друга 135.585 денари. Има земено кредит од 5.000 евра во 2008 година, неговата сопруга поседува кредитна картичка од 16.125,00 и средства во готово од 2.200 евра. Тој е еден од основачите на „Китт консалтинг“, заштеда од 200.000 денари и 3.500 евра.
Куќа од 100.000 евра во Скопје, заеднички стан од 74 квадрати во Скопје вреден 40.717 евра, земјоделско земјиште од 35.000 квадрати во Скопско е недвижниот имот кој скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, го пријавил по стапувањето на функцијата. На име на сопругата пријавил автомобил „сузуки свифт“, вреден 760.000 денари. Трајановски на својата трансакциона сметка има 399.000 денари, но пријавил и кредит на 15 години во висина од 17.605 евра земен во 2001 година. Таткото на Скопје има акции, не ја запишал вредноста и каде се. Исто така, пријавил и банкарски заем на име на неговата сопруга во висина од 180.000 денари. |