Кој ги пишува анонимките до УЕФА?
Се прави втор обид, со евентуален бојкот на клубовите да се смени раководната гарнитура на ФФМ
Миодраг Мицковиќ
Администрацијата на Европската фудбалска федерација во Нион е преплавена од многубројните анонимни писма од Македонија. Нема ден, според наши извори од куќата на фудбалот во Европа а да не пристигне некоие писмо, јасно, непотпишано во кое се блати работата на челните луѓе во ФФМ, нејзините комисии, судиската организација. Се' со една цел, да интервенираат најодговорните луѓе во УЕФА и да помогнат во сменувањето на актуелниот претседател на ФФМ, Хари Хаџиристески и генералниот секретар, Никола Костов.
Охрабрени по она кодошење за наместениот резултат на фудбалерите на Победа против шампионот на Ерменија, Пјуник во Скопје, кога прилепскиот прволигаш заработи строга казна од осум години неиграње во Европа и доживотни казни за работење во фудбалот што ги добија претседателот на Победа, Александар Забрчанец и капитенот Николче Здравевски, кампањата што ја води опозицијата или некој одбор за спас на фудбалот во нашата држава доби во интензитет. Со овој напис не сакаме да браниме никого, најмалку луѓето што раководат со фудбалот во Македонија, и тие имаат повеќе грешки, но многу работи останаа неразјаснети и во „случајот Победа“ и во многу работи што се случуваат зад кулисите на Фудбалската федерација на Македонија.
Не можеме да тврдиме дека мечот Победа - Пјуниг е чист, далеку од тоа со оглед на многуте чудни резултати што се постигнуваат во европските купови, но се' уште Победа го нема добиено образложението за казната, минаа веќе два месеци, и кои се тие докази дека мечот е наместен за да може да се жали на таа одлука. Останува чудно зошто во таа лепеза на казни за Победа е изоставен тренерот Драган Христовски, ако веќе мечот е наместен, бидејќи тешко е да се поверува дека тренерот не бил запознат со тие нечесни работи. Освен, ако Драган Христовски не бил заштитен сведок кај луѓето од УЕФА и ја избегнал казната. Впрочем, Победа е казнета врз сведочењето на луѓето од Македонија, не по пријава на судиите или делегатите.
Но, да го оставиме овој случај на страна кој се' уште го нема конечниот епилог бидејќи Победа ќе се жали на оваа одлука на Арбитраж��ата комисија на УЕФА. Да се вратиме на последните настани пред стартот на новото првенство што е закажано за 1 август. Дали повторно ќе бидеме сведоци на притисоци, уцени и заканување кон клубовите да го бојкотираат стартот и на тој начин да придонесат за смена на челниците во Мак фудбалот. Бојкотот може да остави уште поголеми трауми и во вака разнишаниот македонски фудбал. Опозиционерите не мируваат, не бираат средства во својата цел, но едно забораваат, најосновното. Сакаат да го сменат Хари Хаџиристески, но се' уште не излегоа со официјален предлог, кој би бил неговиот заменик. А да се смени претседател на ФФМ, постои долга процедура, потребна е согласност на делегатите на Собранието, на општинските фудбалски сојузи. Не оди тоа така брзо.
Досега, барем во весниците прочитавме дека двајца кандидати ја имаат истакнато сериозно својата кандидатура за претседател. Тоа е долгогодишниот искусен фудбалски работник Благоја Георгиевски, човек кој целиот свој живот му го има посветено на фудбалот и на неговиот Балкан, кој, за жал, денес веќе не постои и актуелниот претседател на Работнички, познатиот адвокат и поранешен фудбалер Драган Поповски . Тоа е в ред, никој нема против нивните кандидатури, но тука има мала „фалинка“, не се членови на Собранието, ниту пак некој општински сојуз ги има предложено за таа функција.
Трет кандидат во сенка, за многумина најсериозен е досегашниот претседател на Македонија, Благоја Николовски, кој преку ноќ, наеднаш, се повлече од функцијата, наводно незадоволен од некои потези на тренерот Илчо Георгиевски или тоа беше само параван во обид да се кандидира за нов претседател на ФФМ, со поддршка на Фудбалскиот сојуз од Скопје, кој заедно со ОФС Кратово немаат предложено кандидат за претседател на претстојното изборно собрание на ФФМ што треба да се одржи до крајот на годината. Дека Николовски има претседателски амбиции најдобро говори и неговото присуство на завчерашниот неформален состанок на петте прволигашки клуба со нивните претседатели. Што бараше тој на состанокот кога се повлече официјално од функцијата претседател и главен спонзор на Македонија Ѓ.П.
Инаку, по одржаните собранија на општинските сојузи 23 му дадоа доверба на сегашниот претседател, Хари Хаџиристески, да го продолжи мандатот, веќе напишавме ФС на Скопје и Кратово немаа предлог, додека единствено ОФС Струмица излезе со предлог за Васко Кантарџиев, човек тотално непознат за пошироката фудбалска јавност во Македонија. И што е уште полошо, сите овие нови турболенции се прават во јубилејната година, сто години од почетоците на фудбалот во Македонија, пред мечот со Шпанија, пред реализација на големиот проект на УЕФА, изградба на спортскиот центар во Скопје, во согласност со Владата на Република Македонија и големи средства што се одобрени од Европската фудбалска федерација.
Веќе напишавме, сигурно дека има слабости во работата на федерацијата, но сметаме дека на ваков начин тешко дека ќе може да се санираат сите тие проблеми што го обременуваат нашиот фудбал. Впрочем, изборното собрание е за неколку месеци, тогаш има можности на еден легален пат да се смени сегашната раководна гарнитура на македонскиот фудбал. Сегашниот пат не е добар за таа иницијатива. |