Богатите се обврзаа на траен напор за обнова на економијата
Хоршам - Министрите за финансии на Групата 20 најразвиени индустриски земји во светот и на државите во развој се обврзаа вчера дека ќе вложат „траен напор“ за да го обноват економскиот раст, и покрај кредитната криза. „Подготвени сме да направиме неопходен траен напор за да се обнови растот“, се наведува во соопштението од Г-20 издадено по состанокот на министрите за финансии со гувернерите на централните банки. На средбата беа разгледувани начините за ублажување на глобалната рецесија, а лидерите од Г-20 се обидоа да ги надминат разликите во пристапот на светската финансиска криза. Одлуките донесени на оваа средба во Хорштам, како што е најавено, би требало да бидат темел за самитот на лидерите на оваа група што ќе се одржи на 2 април, исто така во Велика Британија.
Инаку, британскиот премиер Гордон Браун и германската канцеларка Ангела Меркел вчера во Лондон изразија оптимизам околу можноста за постигнување спогодба на претстојниот самит на групата Г-20. Браун и Меркел истакнаа дека самитот мора да успее и на светот да му се покаже дека е можно справување со финансиската и економската криза.
На заедничка прес-конференција, Меркел изјави дека оваа година е клучна за светот да покаже дали земјите може да соработуваат или не во обидот да се совладаат кризата и рецесијата.
Британскиот премиер изјави дека и пред лондонскиот самит, земјите погодени со кризата се справуваат со проблемите - еден по еден, и истакна дека досега е спроведена „најголемата даночна стимулација“ во историјата. Браун рече дека излезот од кризата не може да се бара со затворање на пазарите и со ограничување на трговските врски. (МИА) |