Груевски ни вети решение, сега да не се оградува од нас
И Фрчкоски и' порача на Владата да не врти глава од фармерите, бидејќи таа го дозволила криминалот во млекарницата
Нина Нинеска-Фиданоска
Фармерите од Битолско му порачуваат на премиерот Никола Груевски да не се оградува од нивниот проблем, бидејќи само пред еден и пол месец тој лично им ветил дека во најкус можен рок ќе се решат сите нивни тешкотии, односно дека Владата ќе обезбеди странски инвеститор за млекарницата, кој ќе им ги намири заостанатите долгови. Оваа порака следува откако премиерот завчера беше категоричен дека Владата на сточарите сигурно нема да им ги исплати парите од буџетот, како и дека не може да стори ништо друго освен да помогне со посредување, а Министерството за внатрешни работи во меѓувреме најави дека ќе поднесе пријави против организаторите на протестите во Скопје и во Битола.
„Премиерот сега не треба да се оградува, бидејќи пред околу еден и пол месец, тој на неколку наши претставници со кои преговараше им вети дека во најкус рок ќе се решат сите наши проблеми. Имено, тој изјавил: ’Ќе ви донесеме нов инвеститор во млекарницата. Вие само продолжете да работите и да го носите млекото‘. Исто ветување ни даде и министерот за земјоделство, но досега не сме виделе ни денар од парите“, ни изјави вчера Душко Илиевски, фармер од Битолско.
Во врска со најавените можни пријави од МВР, бидејќи „фармерите дозволиле протестот да излезе од контрола“, Илиевски со став дека сточарите не сториле ништо лошо, туку само си ги бараат своите крваво заработени пари. „Протестот не излезе од контрола. Ние само си ги бараме парите, за што имаме полно право“, вели Илиевски. Фармерите досега не добиле информација дали и против кои од нив ќе бидат поднесени кривични или прекршочни пријави. Немале ни посети или предупредувања од припадниците на полицијата.
Илиевски не можеше да каже какви ќе бидат нивните следни чекори, бидејќи за вчеравечер беше закажан состанок на сточарите, на кој требаше да се скрои стратегија за натамошното дејствување.
Вчера околу проблемот со „Сведмилк“ со жестока реакција излезе и претседателскиот кандидат Љубомир Фрчкоски, кој нагласи дека Владата не смее да врти глава од фармерите, бидејќи е јасно дека таму се случувал криминал, кој таа не смеела да го дозволи. Тој вели дека „Сведмилк“ станува важна политичка тема, особено сега пред изборите, која влегува дури и во надлежност на претседателот на државата, поради нарушени односи на пазарот. „Проблемот со криминалот на ’Сведмилк‘ се' пове��е личи на организирана измама, во која ќаруваат сите освен жртвите - млекарите. Лично премиерот Груевски се рекламираше партиски со оваа инвестиција и за тоа тогаш имаше закон. А за да ги реши сега проблемите на млекарите, кога оваа инвестиција пропадна, за тоа јавно изјавува дека нема закон. Тој им ветуваше гарантиран откуп на млекото, ги тераше да се задолжуваат и да земаат кредити, а сега вели дека се тоа долгови на приватни субјекти. Тоа не функционира така и законски не е така“, изјави Фрчкоски. Според македонскиот Устав, Македонија е социјална држава и го има вградено како вредност елементот на солидарност. „Со Законот за Владата и Законот за државна управа, Владата треба да овозможи нормално функционирање на пазарните услови и фер третман на компаниите на пазарот. Но, фармерите се измамени. Ова е втор или трет инвеститор кој влегува или излегува од млекарницата, зема дел од кредитот и бега, а тоа не може да се случува во нормална држава. Владата треба да понесе товар за одговорност за овозможување на криминалот и треба да учествува во директно решавање на проблемите на млекарите. За тоа имаат пари во буџетот, бидејќи парите за нивните реклами се 55 милиони евра. Решавање на проблемот на млекарите не е нивно тепање и поднесување кривични и прекршочни пријави. Имено, само за битолските фармери се поднесени 10 кривични и 20-ина прекршочни пријави. Тоа само ќе го заостри нашиот гнев кон оваа криминална стопанска инвестиција“, категоричен е Фрчкоски. Тој им порача на фармерите дека „во нивната борба нема да бидат оставени сами, а тој е подготвен да им подаде рака“.
Инаку, завчера премиерот Груевски го повтори владиниот став околу кризата со „Сведмилк“. „Помошта од Владата може да биде само во посредување. Ништо друго не можеме да дадеме, бидејќи станува збор за два приватни субјекти. Еден приватен субјект му должи на друг приватен субјект. Такви што си должат еден на друг има низ Македонија колку сакате“, рече Груевски. Според него, се' што е надвор од тоа посредување е незаконски. „Незаконски би било ние да земеме од Буџетот за да им го плаќаме долгот што им го должи некоја приватна компанија“, потенцира Груевски.
Овој студен туш за фармерите следуваше само по неколку часа откако МВР најави пријави против дел од сточарите што учествуваа на протестите во Скопје и во Битола. „Секторот за внатрешни работи – Скопје, врз основа на телевизиските снимки и фотографии, ќе поднесе пријави против организаторите на петочниот протест, како и против сите оние што ќе бидат идентификувани дека учествувале во нарушување на јавниот ред и мир“, се вели во соопштението од МВР. Во него се наведува дека, според Законот за јавни собири, организаторот е должен да го обезбеди одржувањето на редот на јавниот собир. Поради сторени прекршоци при упадот во зградата на Општина Битола, од страна на СВР-Битола веќе се поднесени пријави против 27 лица кои биле идентификувани преку телевизиските снимки и фотографии.
Инаку, револтот на измамените млекопроизводители ескалираше во петокот минатата недела. Очајни што не можат да си ги добијат своите пари за млекото, тие прво протестираа пред Владата, каде што настрада и заштитната ограда. Откако во Владата ги примија и им кажаа дека државата не може да им помогне, гневот на фармерите уште повеќе се зголеми и тие се упатија кон зградата на „Сведмилк“, каде што се обидоа да влезат, повикувајќи го премиерот и барајќи да им каже кој е всушност сопственик на млекарницата. Но, во намерите да влезат во млекарницата беа спречени од припадниците на полицијата.
За време на протестите, фармерите ја повикаа министерката за внатрешни, Јанкуловска, да го испита работењето во млекарницата. |