Денес последен ден за пријавите, кој заборавил - казна
Тие што нема да го фатат последниот воз, ќе бидат казнети од 500 до 1.000 евра
Нина Нинеска-Фиданоска
Денес е последниот ден за поднесување на годишните даночни пријави. Граѓаните кои лани, покрај платата и пензијата, имале и приходи од хонорари или други екстра-приливи на средства, мора да ги пријават до Управата за јавни приходи заклучно со денешниот ден. Најмногу се пријавуваат добивки од продажба на акции, пари од дивиденда, хонорари, приходи од патенти и слично. Денес ќе работат сите канцеларии на УЈП од 8,30 до 16,30 часот, а Контакт-центарот во УЈП од 9 до 20 часот. Тие што нема да го фатат последниот воз за поднесување на пријавите, ќе заработат казни во вредност од 500 до 1.000 евра.
Законскиот рок за поднесување на ГДП е до 15 март за претходната година, но со оглед на тоа што тој датум е во недела, УЈП го продолжи терминот заклучно со денешниот ден.
Во УЈП велат дека е логично денес да се очекува голем метеж пред шалтерите, бидејќи и оваа година се покажа дека нашите граѓани имаат навика своите обврски да ги исполнуваат во пет до дванаесет. За тоа доволен доказ беше и фактот што најголемата навалица во дирекциите на УЈП за доставување на годишните даночни пријави се случуваше токму во последната недела, иако даночните власти од поодамна апелираат и ги потсетуваат граѓаните на оваа своја обврска.
Во саботата, пак, иако се очекуваше огромен метеж, од Управата за јавни приходи велат дека состојбата била полабава во споредба со петокот, кога имаше огромна навалица од граѓани кои доаѓаа да го пријават она што дополнително лани го заработиле, покрај платата и пензијата. „Во саботата имаше навистина голем број граѓани, но метежот беше помал отколку во петокот. Дали е причината што во саботата беше ’Ден на дрвото‘ или, пак, стивнува навалицата, тоа ќе се види подоцна“, објаснуваат во УЈП.
Што доколку не се стигне да се прифатат сите пријави во последниот ден? Во УЈП велат дека во тој случај нема оправдување за граѓаните, бидејќи УЈП даде и еден дополнителен ден, а Контакт-центарот во ГТЦ во изминатите денови работеше до 20 часот. „Плус, оваа година дадовме можност ако некој граѓанин на пример е од Охрид, а работи во Скопје, да не мора да оди во Охрид, туку пријавата да ја поднесе во Контакт-центарот во Скопје, што е дополнително олеснување“, објаснува Весна Новаковиќ, портпаролка на УЈП.
Инаку, во УЈП очекуваат дека ќе бидат поднесени над 80.000 пријави за екстра-приходите од 2008, со оглед на тоа што за 2007 нивниот број изнесуваше 77.000, а сега сигурно ќе има пораст, бидејќи тренд е секоја година да се зголемува бројот на пријавите. Засега е официјална само бројката дека заклучно со четвртокот биле поднесени 57.179 пријави, а колку ќе биде нивниот број во последните денови, ќе се знае по обработката на податоците.
Но, дали државата ќе ќари толку солиден персонален данок колку и за 2007 година, тоа е многу тешко и неизвесно да се очекува, бидејќи 2007 беше многу плодна на Берзата, каде што се остваруваа големи приходи од продажба на акции, што не може да се каже и за 2008 година. Сепак, во УЈП велат дека не треба да се прејудицира со очекувањата се' додека не се обработат пријавите, бидејќи и лани имаше продажби на акции на Берзата, од што беа остварувани приходи. |