„Виножито“ апстинира од изборите во Грција
Меѓу независните кандидати има неколкумина што имаат јасен став спрема македонското прашање
„Државата е во кома“, вели Павле Воскопулос од „Виножито“ објаснувајќи ја одлуката на партијата да отсуствува со свои кандидати од изборите во Грција идната недела. За малите партии, според него, воопшто нема простор на изборите иако граѓаните немаат доверба во ниту една од петте главни што се застапени во парламентот. Од „Виножито“ им советуваат на нивните симпатизери да обрнат внимание на кандидатите и да размислат добро за оние што се долгогодишни под��ржувачи на политичката идеологија на партијата и имаат јасен став за македонското прашање. Иако нема многу кандидати, Воскопулос забележува дека може да се најдат тројца или четворица од независните листи што би работеле повеќе на подобрување и прифаќање на работата на „Виножито“ и на нивните симпатизери.
Генерално, од партијата коментираат дека нема видлива промена на грчката политика кон Македонија и македонското малцинство во државата, и покрај смената на власта. И сега, како и порано, имаат проблеми при доставување дописи и комуникација со државните институции иако се обидуваат да одржат позитивен и оптимистички став дека ќе дојде до подобрување на работите. Според нив, би требало чудо за да се смени јавното мислење и политиката на Грција што се гради веќе 30 години за овие теми.
Целосната дефокусираност од главните прашања околу изборите, смета Воскопулос, е сепак, главна причина за незаинтересираноста. Ниту кандидатите ниту, пак, медиумите во Грција не говорат за промените до кои ќе дојде со изборот на новите градоначалници и префекти, кои со новиот закон на владата за децентрализација добиваат поголема улога и поголема контрола со финансиските средства. „Чудно е што во оваа ситуација во која има нови избори и кога треба да се спроведуваат реформи сите медиуми и партии континуирано зборуваат за финансиската криза, препораките од ММФ, а не за новиот начин на уредување и улогите што ќе ги имаат префектите. Има дефокусирање на изборите и просечниот граѓанин не е запознат со тоа како ќе изгледа новото уредување, дали новите префекти ќе може да креираат регионална политика и кои им се економските можности“, забележува тој. Го посочува примерот со интервјуто на премиерот Јоргос Папандреу како доказ дека ниту тој не говореше за изборите, туку фокусот го стави на можноста за новите избори и новите економски мерки. Од „Виножито“ забележуваат дека дури ни по овие избори не е сигурно дали Грција ќе успее да го замени централниот карактер со регионална независност, иако во суштина тоа е целта на локалните избори. (М.П.) |