Поглед
Колку сме - толку сме
Димитар Чулев
Во политиката два плус два не мора да биде четири... а попис на население не мора прецизно да ја изрази бројката на вкупното население во една земја, етничката припадност, вероисповедта.
Така барем „пресметаа“ одредени политички кругови, кои уште пред да почне пребројувањето закажано за април, се обидоа да го релативизираат резултатот на најобемната статистичка операција, се разбира, доколку бројките не се совпаднат со тие што ги посакуваат.
Не е познато во математиката дека броењето и едноста��ното собирање зависи од јазикот, етничката припадност на оној што брои и собира, а особено не од функцијата што ја извршува.
Но, ако се прави обид да се подметне сомнеж дека некој ќе се обиде преку штелување резултатите да одземе (бадентерови) права на уставно признато малцинство, тоа е срамна теза. Како што се срамни и заканите за бојкот... Затоа и дебатите на тема попис кога тема воопшто и нема, заличеа на правење сметка без крчмар.
Сметачите без крчмар не треба да се водат од искуството во блиското соседство каде што мајоризацијата од мнозинскиот народ е прецизна политичка стратегија, асимилацијата на малцинствата се дел од фолклорот, а правото на различност се смета за ерес. Тоа се земји што одбегнуваат да ги потпишат или да ги спроведат меѓународните конвенции за малцинствата и, реално, заостануваат векови зад мултикултурноста, која со децении ја демонстрира Македонија.
Основната функција на попис на население е да се види колку сме, а тоа сакаат да го знаат и господата од ЕУ, кои ќе помогнат се' да мине во ред. Сите поинакви математики можат само да прикажат дека „не сме токму “! |