Груевски и Папандреу си презакажаа
Средба на Груевски со генералниот секретар на НАТО, Расмусен, во четири очи
Премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу ја презакажаа вчерашната планирана средба за денес, неофицијално, по барање на грчкиот лидер, кој вчера учествуваше на самитот на ЕУ-лидерите во Брисел. Според објаснувањата од грчката делегација, Папандреу сакал повеќе време за средба со нашиот премиер како услов таа да биде продуктивна. Таквото образложение е на линија со забелешките на премиерот Груевски, кој во неколку пригоди досега оценуваше дека е заинтересиран за средби само ако се суштински, а не формални, какви што беа досега. Ако се оствари, ова ќе биде седма тет-а-тет средба на двајцата премиери по доаѓањето на Папандреу на чело на владата на Грција. Досегашните средби, покрај заложбите за подобрување на билатералните релации, не донесоа напредок во решавањето на прашањето за името.
Место со Папандреу, премиерот вчера имаше средба зад затворена врата со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, така што детали за вистинската содржина не можеа да се дознаат, освен она што го соопшти Кабинетот на Груевски. Според тоа соопштение, Груевски го уверувал Расмусен дека е решен да најде решение за спорот околу името што ќе биде прифатливо за народите (не државите) на двете земји и дека влезот во НАТО и интеграцијата во ЕУ остануваат наши приоритети.
Премиерот по се' изгледа е решен да оствари трескавична агенда во Брисел за да ја испегла позицијата на Македонија пред НАТО-самитот и одлуката на ЕУ за препораката за преговори. Откако оствари средба со премиерот на Луксембург, Жан Клод Јункер, тој договори средба и со европски парламентарци, а се најавуваа и средби со шефицата на дипломатијата Кетрин Ештон и со еврокомесарот Штефан Филе. На средбата со Јункер премиерот рекол дека Владата е насочена кон два приоритета, реформите и евроинтеграциите со решавање на проблемот со името, што било поздравено од страна на луксембуршкиот премиер. Дали на средбите се отвори и прашањето со досиејата што ја тресат ДУИ деновиве, нема сознание, но очигледно е дека како никогаш досега Груевски се помачи да добие внимание и поддршка од Брисел. (Н.Р.) |