Се радикализира ли Нова демократија?
Кастриот Хаџиреџа, хирургот од Дебар, кој своевремено се експонираше со тезите за федерализација на Македонија, до крајот на годинава ќе претседава со Нова демократија - партијата, која пред околу три години стартуваше со амбиција да се ослободи од етничките стеги и да биде граѓанска. Хаџиреџа ќе биде на чело со Централниот комитет на НД додека да се одржи вонредниот конгрес за избор на нов партиски лидер по оставката на Имер Селмани, кој се повлече од функцијата поради дебаклот на парламентарните избори.
Освоените околу 20 илјади гласа на 5 јуни ја сместија НД надвор од парламентот, што претставуваше своевидно изненадување, особено ако се направи споредба со билансот што го постигна на претседателските и на локалните избори во 2009. Тогаш, настапувајќи со имиџ на „македонски Обама“, Селмани, како претседателски кандидат освои близу 150 илјади гласа, од кои голем дел од гласачи Македонци. Но, потоа почна да паѓаат рејтинзите и на Селмани и на НД паралелно со напуштањето на граѓанската платформа и преорентирањето кон етнички теми.
Сега, откако партијата му е препуштена на Хаџиреџа, процените се дека Нова демократија дефинитивно ќе раскрсти со обидите да се профилира како граѓанска.
Во албанскиот политички блок речиси нема партија во која не бил Хаџиреџа. Почнува во ПДП, па ја формираше Националната демократска партија - што потоа ја спои со ДУИ, за подоцна да премине во ДПА, па во НД... Беше и независен пратеник во периодот 1998-2002 кога и ја пласираше тезата за федерализација, односно за поделба на државата на три региони: северозападен, југоисточен и третиот - Скопје, со специјален статус.
По конфликтот во 2001, Хаџиреџа се најде на американската црна листа заедно со Невзат Халили и Гафур Адили поради „загрозување на напорите на меѓународната заедница за стабилизирање на Западен Балкан“. Тој тогаш изјавуваше дека никогаш не дејствувал во насока на дестабилизирање на овој дел од Балканот и оти не се чувствува виновен. А.М.М.) |