Компјутерите во наставата се користат инцидентно
Нема подготвеност за ефективно искористување на компјутерите
Во Македонија ги нема сите услови за користење информатичко- комуникациски технологии во наставата. Компјутеризацијата е евидентна, но нема подготвеност за нејзино ефективно искористување во наставниот процес, во кој информатичко-комуникациските содржини се' уште се користат инцидентно. Недостасува и плански развој на капацитетите на наставниците за употреба на тие содржини.
Тоа се главните заклучоци во вчера објавените резултати од истражувањето „Употреба на компјутери и Интернет во образовниот систем на Македонија“, спроведено од Фондацијата за одржлив информатички развој „Метаморфозис“ и Институтот отворено општество - Македонија.
Истражувањето, спроведено во период мај - јуни годинава, вклучува анализа на контекстот и досегашните иницијативи за компјутеризација на образованието, телефонска анкета со 2.240 испитаници од цела Македонија, фокус-група со наставници, родители и ученици од основни и од средни училишта, како и интервјуа од релевантни институции за проектот „Компјутер за секое дете“ (КСД).
Употребата на ИКТ во училиштата не е секојдневна, покажува истражувањето. При нивната примена во наставата се поддржува традиционалниот модел, иако се забележуваат и други видови настава од кои најчеста е проектната. Различни предмети бележат различна употреба на ИКТ, со што најголема употреба уште има во наставата по информатика. Употребата во другите наставни предмети се' уште е самоиницијативна и зависи од наставникот. Програмскиот директор на „Метаморфозис“, Филип Стојановски, во освртот на резултатите од истражувањето истакна дека фокусирањето само на технологијата во образовниот процес дава делумни резултати.
„За компјутеризација на образовниот процес е неопходно да се создадат потребните, барем основни, електронски содржини што ќе бидат достапни бесплатно за цела јавност, особено за наставниците и за учениците. Покрај основната обука на наставниците за основни знаења за компјутери и Интернет, нивното воведување мора да опфаќа и детаљна обука за примена на основните вештини во образовниот процес, бидејќи компјутерот е само алатка што се става во контекст на ширењето на знаењето. Потребно е добро и сеопфатно планирање на процесите со вклучување на сите заинтересирани страни, со примена на инклузивност, транспарентност и отчетност“, рече Стојановски.
Според резултатите од истражувањето, 74 проценти од испитаниците сметаат дека проектот КСД одговара на потребите на образованието и ќе придонесе за подобри резултати во учењето, 39 отсто не се доволно информирани за неговата реализација, а 38 проценти оцениле дека се реализира на соодветен начин. Успешна реализација на проектот до предвидената 2012 година очекуваат 46 проценти, а 35 отсто рекле дека парите потрошени за него би биле покорисни во други намени. Наставниот кадар, според 36 проценти од испитаниците, е на соодветно ниво за спроведување на проектот. (МИА) |