Лондон стравува од муслимани - очајници
ЛОНДОН - Власта ја ажурира антитерористичката стратегија и ќе се фокусира повеќе на спречување на радикализацијата на муслиманите, открива Би-Би-Си. Официјалните лица се' повеќе се свесни за заканата од оние осаменици кои немаат никакви врски со Ал Каеда, а кои станаа се' порадикални. Најголем приоритет за владината стратегија, позната како „контест“ (борба), ќе биде намалување на можностите за наоѓање регрути за терористички акции. Соработката со локалните заедници и справувањето со улогата на Интернетот ќе бидат клучните работи за ажурирање на стратегијата. Нивото на терористичка закана уште од минатото лето е означено како сериозно, што е второ по висина.
Високи официјални претставници на Вајтхол изјавија дека припадници на полицијата и безбедносните служби интензивно соработуваат и во најкус можен рок степенот на закана најверојатно ќе биде намален. Тие наведоа дека тоа во моментов е нешто помалку од сериозно, и нема знаци за намалување. Постои се' поголема свесност дека заканите не доаѓаат само од Ал Каеда во Пакистан и партнерските групи стационирани во Северна и Источна Африка, туку исто така и од осаменици и групи кои не се поврзани со Ал Каеда.
Дописникот на Би-Би-Си јави дека владината стратегија „Контест“ се базира врз „четири начела“ - спречување, прогон, заштита и подготовка. Тој додаде дека владата призна дека првото од овие начела, превенцијата на радикализација на индивидуалците, во моментов е најслабата алка во синџирот врз која треба да се обрне поголемо внимание. (Би-Би-Си)
|