Брoj 2803  сабота, 04 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Наука
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Свет

Тенкисти за 200 рубли го гаѓаа парламентот

Дума вчера не дозволи да им се оддаде почит на загинатите на Елциновото крваво чистење на парламентот

Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ

МОСКВА - Претседателот на руската Дума Борис Гризлов вчера не дозволи да се оддаде едноминутно молчење во знак на сеќавање на загинатите на 3 и 4 октомври 1993 година кога тогашниот претседател Борис Елцин брутално се пресмета со парламентарците кои не сакаа да излезат од Белиот дом. Николај Харитонов, парламентарец од фракцијата на Комунистичката партија, предложи да се оддаде едноминутно молчење како сеќавање на загинатите. За Харитонов таквиот чин би бил добар за консолидација на општеството. Спикерот на државната Дума Борис Гризлов изјави дека политички би било покоректно да се сослушаат оние кои за тој датум не сакаат ништо да кажат.

Најтиражниот руски дневен весник „Комсомолска правда“ вчера објави подолг текст во кој по 15 години зборуваат сведоци и учесници во тие настани. Тоа беше жесток судир на Борис Елцин и неговите некогашни блиски соработници кои останаа во Врховниот совет, т.е парламентот. Сосема коректно во воведот на текстот „Комсомолска правда“ пишува дека политичари се тепаа, но загинаа обични луѓе - околу 150. Судирот, меѓу другото, беше и за тоа што новиот состав давал огромни права на претседателот, а мали на парламентот. Поради тој спор околу правата, Борис Елцин на 21 септември 1993 година го потпиша указот со кој беше распуштен парламентот. Членовите на Врховниот совет одлучија да не ги почитуваат одлуките на Елцин, обвинувајќи го дека направил државен удар. Тие одлучија овластувањата на претседателот да му ги предадат на потпретседателот Руцкој, кој беше на страна на парламентарците.

По неколку дена, Елцин даде наредба да е исклучи снабдувањето со струја и вода во Белиот дом. Приврзаниците на Врховниот совет почнаа да прават барикади. На 3 октомври почнаа пукотници и беа убиени седум демонстранти. Десетина цивили беа повредени. Елцин тогаш воведе вонредна состојба. Потпретседателот Александар Руцкој го повика народот да го заземе ТВ-центарот во Останкин. Таму загинаа десетина луѓе. На 4 октомври Елцин нареди напад врз Белиот дом. Од соседниот мост тенковите ја гаѓаа зградата на парламентот. Загинаа повеќе од 150 луѓе. Тогашниот претседател на Врховниот совет Руслан Хазбулатов и потпретседател на владата Александар Руцкој беа уапсени.

Сега Руслан Хазбулатов тврди дека американскиот претседател Бил Клинтон и германскиот канцелар Хелмут Кол го наговарале Елцин да тргне во пресметка. Поради тоа, Русија подоцна стана „западен сателит“, тврди Хазбулатов. „Го видов стенограмот од разговорот меѓу Хелмут Кол и Бил Клинтон. Германскиот канцелар го уверуваше Клинтон дека парламентот му пречи во работата на Елцин. Кол тогаш му рекол на Клинтон: ’Елцин без приговор ги исполнува сите ваши барања‘, а рускиот парламент е ’националистички‘. Клинтон подоцна го поддржуваше Елцин да тргне во пресметка“, раскажува Хазбулатов, кој патем речено по националност е Чеченец.

Интересна е приказната на тенкистот кој учествуваше во гаѓањето на Белиот дом. Тој инсистираше дека редакцијата во текстот му го заменила вистинското име. Поранешниот командант на вод од Кантимировската тенковска дивизија се сеќава дека луѓето на Елцин им ветувале вреќи пари за да учествуваат во таа крвава акција. Подоцна тој тенкист морал да ја напушти армијата, бидејќи го презирале другите колеги. На вратата од станот му пишувале „убиец“ и „предавник“. Тој се префрли во друг воен округ, но и таму луѓето многу брзо дознаа што направил, бидејќи во карактеристиката била напишана пофалбата на Елцин. „Само што се вративме од колхозот каде што помагавме да се соберат компирите, ни јавија дека е тревога и дека мора брзо да дојдеме. Ни објаснија дека со тенкови мора да тргнеме кон Москва. Имавме маневарска, но и боева муниција“, раскажува тој тенкист, кој гаѓаше по централниот дел на зградата. Тој сега признава дека му е тешко во душата бидејќи Руси стрелале во Руси.

По тоа крвопролевање, тенкистите биле префрлени недалеку од Белиот дом, нахранети и напиени со вотка, а многу брзо беа предложени и за државни награди. Покрај признанието, тенкистите добија и парична награда по 200 рубли, а ветувањето за вреќи пари брзо беше заборавено.


Статијата е прочитана 714 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Свет
Гордон Браун ги враќа блеристите во владата
Џо Бајден победи, но Сара Пејлин беше подобра од очекуваното
Поделбата на Косово може да биде многу опасна
Канадскиот премиер во кавга со САД
Путин ја кара Украина за вооружувањето на Грузија
Лондон стравува од муслимани - очајници