Мртов пронајден исчезнатиот овчар од Чаниште
ПРИЛЕП - Телото на Тодор Ангелески (51) од прилепското село Чаниште е пронајдено во атарот на селото во месноста Богданова Нива завчера околу пладне во карпест предел, девет месеци откако роднините го пријавиле за исчезнат. Трупот го пронашол негов соселанец со кого заедно го напасувале добитокот, кој пријавил, а увид извршиле полицијата, Службата за итна медицинска помош и истражен судија.
„Најверојатно, смртта настанала поради паѓање од височина. Се работи за труп кој бил во распаѓање подолго време“, вели д-р Блага Павлеска од Службата за итна медицинска помош во Прилеп.
Телото на Ангелески било пронајдено распарчено на делови, без меки ткива, само коски, во близина на мала пештера каде што се претпоставува дека спиел. Во непосредна близина се пронајдени негови лични предмети, кавал, влечки, а на карпата имало поставена скала со која тој, најверојатно, се качувал во пештерата. Бидејќи во оваа состојба во која се наоѓа трупот не може да се утврдат траги на насилство, со цел да се расветли случајот и утврдување на причините за смртта, истражниот судија побарал да се изврши обдукција.
„Додека не се добие обдукцискиот наод, не може со сигурност да се каже од кои причини настапила смртта“, изјави Ѓоко Стрезовски, портпаролот на СВР-Битола. Моментно во прилепската полиција за исчезнати се пријавени уште три лица, една жена и двајца мажи. Полицијата работи на откривање на исчезнатите. (Мн.Т.) |