Шестмина осудени на вкупно 18 години затвор за изборни инциденти
ГОСТИВАР - Шест лица од гостиварското село Неготино се осудени на вкупно 18 години затвор поради изборни инциденти минатата година. Основниот суд во Гостивар вчера ги прогласи за виновни, изрекувајќи му на секого од нив по тригодишна затворска казна. По изрекувањето на пресудата, шестемина беа однесени во тетовскиот затвор каде што ќе останат до правосилноста на пресудата.
Судот ги прогласи за виновни Авни Фидани, Садри Ќерими, Гзим Ајрули, Хамид Ајрули, Нусрет Адеми и Мирсад Велиу од гостиварското село Неготино. Според судот, на 1 јуни мината година, околу 17,30 часот, како организирана група во која учествувал и малолетникот Ќ.И. од с. Неготино, со употреба на сила и со употреба на оружје, го спречиле одржувањето на предвремените парламентарни избори на Избирачкото место број 0441, сместено во училиштето „Наим Фрашери” во село Неготино, Гостиварско.
Обвинетите и малолетникот влегле во училницата каде што се наоѓало избирачкото место, ја затвориле вратата, а обвинетиот Гзим Ајрули ја држел вратата. Нусрет Адеми и Мирсад Велиу во рацете држеле пиштол и почнале да земаат од избирачките ливчиња, а претседателот на Избирачкиот одбор, Мерџан Даути, им се спротивставил. Мирсад Велиу им рекол на претседателот на Избирачкиот одбор и на останатите членови на одборот: „Подобро е за вас да седите мирни и да бидете настрана“, а Нусрет Адеми му ја свртел раката на претседателот Даути во која го држел печатот и му го одзел, додека останатите членови на Избирачкиот одбор стоеле мирно. Обвинетите ги заокружувале гласачките ливчиња и ги ставале во кутијата. Членот на Избирачкиот одбор, Исен Демири, успеал да ги сними дејствАта на полнење на гласачката кутија.
Одбраната во завршниот збор истакна дека во кривичната постапка не биле докажани изведените докази за кои се товарат обвинетите и побараа да бидат ослободени. По прогласувањето на пресудата, адвокатите најавија жалба. (К.К.) |