„Пипс, чипс и видеоклипс“ го прославија полнолетството
Хрватскиот поп-рок состав „Пипс, чипс и видеоклипс“ во петокот вечерта настапуваше пред македонската публика во МКЦ, приредувајќи им единствено двочасовно уживање на сите обожаватели и музичките фанатици.
Во нивниот препознатлив стил, шестте члена од бендот го започнаа концертот. Тие изведоа една интересна верзија на „Мотори“ и воведувајќи ги во својот интригантен вселенски свет. Свирејќи ги најдобрите теми и приредувајќи досетливи комични мигови, „Пипс, чипс и видеоклипс“ неуморно ги анимираа присутните, а новото озвучување и осветлување во салата беше услов повеќе за впечатлива атмосфера и добра забава. Фановите не останаа рамнодушни, во еден здив ги пееја нумерите заедно со гостите, а вистинско изненадување на вечерта беа тортата, свеќите и летечките конфети за прославување на полнолетството на групата.
Откако си заминаа од сцената, забележително задоволната публика почна да аплаудира и гласно да ги довикува, со што „Пипси“ повторно се вратија за да отсвират уште неколку песни и да придонесат за соодветен крај на музичкото збиднување.
Организаторот на концертот на групата, која речиси две децении успешно ги полни салите низ Балканот и низ Европа, оставајќи белег со својот инспиративен звук и атрактивната појава, беше „Плагијат“ заедно со Младинскиот културен центар .
Инаку, настанот беше дел од „офф програмата“ на првиот креативен фестивал за велосипеди – „Велофест“, кој се одржува од 7 до 30 април низ Македонија. (Б.Ш.) |