„ЉубоЈна“
Интимно концертно доживување на изворниот мелос
Бојан Шашевски
Овој викенд присутните во Универзална сала беа сведоци на првиот голем целовечерен концерт на македонскиот етносостав „Љубојна“, настан што донесе многу емоции, радост и позитивна енергија. Негувајќи ги боите на изворниот мелос и на ритмистика, но, истовремено предизвикувајќи и импровизирајќи со естетиката на современиот израз, членовите од групата и' подарија на публиката незаборавен музички подарок.
Контрабасот на Оливер Јосифовски и гласот на Вера Милошевска, или Верче – славејче, како што ја нарекуваат многумина, беа придружувани од музичари на гитара, флејта, труба, тарабука, тапани и еден грамофонџија, кој беспрекорно се вклопуваше во звуците на веселата дружина. Заедно изведоа песни од трите албуми, но и теми од музичката архива на групата креирани за театарски претстави, балет, различни сценски проекти и неколку филмови.
Атмосферата во полната сала постојано вибрираше, а публиката не запираше да ракоплеска во текот на целиот едно и полчасовен настап, будно следејќи го секој такт на „Љубојна“.
Како нивни гостин и долгогодишен пријател се појави актерот Ѓорѓи Јолевски, читајќи поезија од Петре М. Андреевски, придружуван од хармониката на Јордан Костов. Групата презентираше и еден прилично непознат инструмент, мала челична топка, наречена „олдрам“. Меѓу другите изненадувања беше и перформансот на уметникот Сергеј Андреевски, кој во текот на неколку песни сликаше на платното што беше поставено зад сцената. По заслужениот бис и последните изведени теми, присутните ја напуштија салата исполнети и возбудени.
Како што ветија, така и остварија. „Љубојна“’ направи едно интимно, разнобојно доживување, изразено со повеќеслојна модерна музика, преточена од македонскиот народен фолклор. |