Складираните суровини чекаат повисоки цени
Потрошувачката на суровини во светот, според ОН, би можела да се зголеми за трипати до 2050 година
Храната ќе биде наскоро тешко достижна за милиони луѓе. Пазарот на земјоделски производи, посебно на аграрни суровини, е приказна за себе. Светската банка предупреди: натамошен нагорен тренд може да води кон криза со средства за храна како онаа од 2007 година.
Вејн Бринкмајер, 63-годишен фармер од Небраска, од појасот на САД во кој се одгледува пченка, лани направи уште еден силос.
„Овде се отвора силосот. Го чистиме и го дезинфицираме, а ќе се полни во септември, по есенската жетва“.
Бринкмајер одгледува пченка и соја. Тој поседува пет силоси.
„Сопствениот простор за складирање станува се' поважен од година во година. Тој што произведува поголеми количества, може да ја зачува жетвата и да ја продава кога цените ќе скокнат уште повеќе“.
Многумина фармери во САД сега инвестираат како Бринкмајер во силоси за жита. Фармерите играат на тоа дека цените на суровините натаму ќе скокаат. Цената на пченката на берзата за суровини во Чикаго минатата година двојно порасна. Само во мај скокот изнесуваше 16 отсто.
Потрошувачката на суровини во светот, според ОН, би можела да се зголеми за трипати до 2050 година. Потрошувачите во развиените земји речиси не ја ни почувствуваа експлозијата на цените, но натамошен скок би ја направил пченката недостапна за осиромашените луѓе во неразвиените земји и во земјите во развој.
„Во одредени земји на светот веќе имаме криза во исхраната или на средства за исхрана. Сметам дека долгорочно, прехранбени средства од добар квалитет ќе бидат поскапи. Но, верувам дека земјоделците од целиот свет се во состојба да ја задоволат растечката побарувачка“, проценува Мартин Рихенхаген, шеф на Управниот одбор на АГКО, производител на земјоделски машини што се продаваат во 140 земји од светот, кој профитира од расположението на земјоделците за инвестирање. Со порастот на населението, во Кина и во Индија особено расте побарувачката на жита. Тие, во меѓувреме, почнуваат да инвестираат во обработливо земјиште во Африка, вели Рихенхаген.
Финансиските професионалци зборуваат за висока нестабилност, ризичност, шпекулантите за идеални услови. Лошо е за малите земјоделци што немаат можности како Вејн Бринкмајер да изградат магацини за залихи, па мораат да ја продаваат жетвата, иако во тоа време цената е ниска, а производните трошоци високи. (Дојче веле) |