Газда Велија немал никаков имот на свое име?
Истрагата за случајот „Пајажина“ продолжува со засилено темпо. Судот ќе бара финансиска експертиза за работењето на фирмите
Љубиша Станковиќ
Истрагата за случајот наречен „Пајажина“, односно за работењето на фирмите на Велија Рамковски, се очекува да добие на интензитет веќе од следната недела. Според официјални сознанија, во наредните денови притворените ќе можат да го искористат правото на посети во затворот „Скопје“, а веќе од понеделник ќе започне распит на сведоците што се предложени од Јавното обвинителство.
Според предвидената динамика, во наредните денови пред истражниот судија ќе се појават предложените сведоци, но не треба да се исклучи можноста на распит да се појават и некои од осомничените што или не дале исказ или планираат да го дополнат исказот што дадоа на 24 декември минатата година. Ваквата можност е содржана и во решението за спроведување истрага и во кое децидно е наведено дека „дел од обвинетите што го користеа правото на одбрана со молчење го задржаа правото во натамошниот тек од постапката да дадат исказ пред истражен судија и да се произнесат по сите точки содржани во барањето за спроведување истрага“.
Како што е познато дел од приведените, односно 15-мина од осомничените дале свое видување за состојбите со фирмите на „Перо Наков“ број 60, но неколкумина се повикаа и на давање одбрана со молчење.
Самата кривична постапка ги диктира и случувањата што се однесуваат на работењето на фирмите на Велија Рамковски. Така, за денеска е предвидено истражниот судија да издаде налог до Финансиската полиција да се пристапи кон финансиско вештачење на фирмите што работеле на „Перо Наков“.
Несомнено дека финансиското вештачење ќе стави акцент, пред се', на компаниите „Акстра трејд“, „Време ЕЧ“ и „Хедис“, но под лупата на вештите лица ќе се најдат и фирмите: „Време трејд“, „Плус продукција“, „Печатница Мисирков“, „Синим ДООЕЛ“, „Унипроком Вемакс“, „Акс-стра ДООЕЛ“, „А1“, „А2“, „Стратус ДОО“, „Плус КОМ“, „Плус продукција“ и „Хедис маркети“, односно сите оние што беа посочени како места каде што се затајувал данок.
И покрај многубројните фирми што функционирале на адресата на „Перо Наков“ број 60, за името на сопственикот на „А1“ не се врзува ниту една компанија. Токму Велија Рамковски, како што неофицијално се дознава, во записник изјавил дека е безимотен?
За финансискиот скандал, кој доби оперативно име „Пајажина“, а започна уште на 25 минатиот ноември, освен Велија Рамковски, Јавното обвинителство го осомничува и брат му и ќерка му, како и поранешниот и сегашниот директор на А1, и голем број управители на фирми.
Полицијата трага по синот на Рамковски, Хеди, кој е во бегство, а судот му одреди мерка притвор. Групата е осомничена за криминал тежок милиони евра, односно се товарат за даночно затајување и за злосторничко здружување. |