Градот задолжен со 9 милиони евра

Во прилог на кредитите е позитивниот кредитен рејтинг на Град Скопје, стекнат уште од времето на Трифун Костовски
Деспина Трајковска
Градските власти годинава ќе се задолжат со речиси 9 милиони евра. Сите пари зајмени дома или во странство ќе ги потрошат за, како што велат сами, големи проекти од интерес на граѓаните. Канти за ѓубре, купување комунални возила и изградба на катни гаражи се само дел од проектите што почнаа да ги реализираат на рати надлежните.
Дел од сумата за кредити, проектирана и во планот за кредитно задолжување во тековниот буџет, веќе е подигната и наменски искористена. Од странски и домашни банки досега се земени заеми од во висина од над 5 милиони евра. Најновиот кредит на кој градоначалникот Коце Трајановски планира ��а стави параф ќе биде наменет за проширување на улицата „Првомајска“ во Кисела Вода. Според планот на Градот, за задолжување во 2011 година заемот само за овој проект ќе достигне 1,7 милиони евра.
Иако дел од јавноста смета дека Градот неоосновано ги зема кредитите, дека така секој би можел да гради и да решава комунални проблеми, надлежните имаат цврсти оправдувања за проектите на рати. Првенствено велат дека тоа им го дозволува кредитниот рејтинг, а истовремено укажуваат дека вообичаено е инвестирањето во капитални проекти да се врши со заеми. Тоа било практика во светот.
„Ниту еден капитален проект не може да се финансира само со пари од тековниот, ниту, пак, со неколку градски буџети. Иако имаме повеќе капитални проекти планирани не само за оваа година, туку воопшто во мандатот, сепак, даваме приоритет на подобрување на условите во сообраќајот, на подобрување на условите за функционирање на јавните претпријатија, особено на ЈП ’Комунална хигиена‘. Со оглед на тоа, направена е и прелиминарната листа на проекти за чија реализација планираме да се задолжиме, а за некои веќе и го сторивме тоа“, објаснија неодамна од кабинетот на скопскиот градоначалник.
Оттаму посочија дека згора на се' биле охрабрени од добиениот позитивен кредитен рејтинг од реномираната компанија „Стандард и Пурс“, која практично им дала зелено светло за задолжување, односно го потврдила позитивниот кредитен рејтинг на Градот, задржан дури и во услови на светската економска криза, а стекнат уште од времето на градоначалникот Трифун Костовски.
Инаку, според плановите на Трајановски, годинава Градот со кредити планира да ги подобри условите за работа на ЈП „Комунална хигиена“, да го изгради и опреми Центарот за управување и контрола на сообраќајот, да инвестира во изградба на двете катни гаражи и да ја прошири улицата „Првомајска“. Речиси половината од плановите се реализирани, а допрва се очекува официјализирање на заемите за новиот булевар и за ЦУКС.
Во тековниот буџет е наведено дека кредитот за „Првомајска“ ќе достигне до 1,7 милиони евра, за ЦУКС е планиран заем од 1,3 милиони евра, а за почеток на изградбата на двете градски катни гаражи, пак, веќе е подигнат кредит од 3 милиони евра. |