Се тркаше цела Виница
Иван Бојаџиски
Штип - Цела Виница во саботата учествуваше на Тодоровите трки, голем спектакл во чест на празникот Свети Тодор, виничка светост, чии почетоци датираат од 1926 година. Деца, младинци, средовечни виничани се тркаа во разни дисциплини, од кои голем дел имаа хумористична содржина. Преубавото сончево време привлече над 3.000 посетители од Виница, но и од околните градови, на Градскиот стадион на кој се одржуваше спектаклот. Македонка Мирева, новинарка од ова место, вели дека овој празник го слават повеќе градови во државата, но никој не го прави тоа на таков спектакуларен начин како што го прави тоа родното место на теракотните икони.
Спектаклот започна со масовна посета на црквата од страна на младите невести, кои во брак стапиле во 2010 година. Од 65 невести кои се венчале во овој период, на церемонијата во виничката црква со своите свекрви дојдоа 35. Потоа низ главната улица на градот продефилираа педесетина стројни виничани на силни коњи, придружувани од градскиот блех-оркестар. Виничката коњица стигна до вратите на стадионот, на кој веќе немаше каде игла да падне.
Градоначалникот Емил Дончев даде знак за почеток на Тодоровите трки по што присутните, цели два часа уживаа во спектаклот.
Стотина пионери се тркаа на 40 метри, младинците ги искажуваа своите способности на 60 метри, а најинтересни и најмногу смеа предизвикуваа трките со нозе врзани во ��реќа, со лажица во устата и јајце во лажицата, со врзани очи, трките на велосипеди за пионери и младинци, коњските трки... Спектаклот беше зголемен со фудбалскиот натпревар помеѓу екипата составена од поранешни фудбалери на репрезентацијата на Македонија и ветераните на виничка „Слога“, од кој како победник излегоа домаќините.
„Ова е виничка гордост. Држиме до традицијата долга 85 години, која со тек на времето се претвори во најголема атракција во источниот дел на државата. Имавме одлична организација, а ако ги прифатевме сите кандидати како учесници во десетина дисциплини, ќе ни требаа повеќе денови за да можат да се одржат трките“, вели градоначалникот Дончев.
Сепак, две работи можат да се издвојат како општествено загрижувачки. Првата е фактот дека на црковната церемонија од вкупно 65 невести венчани во текот на минатата година дојдоа само 35, а за 15 црковните власти известија дека со своите семејства се отселиле од државата. Второто загрижувачко сознание лежи во фактот дека годинава ги немаше атрактивните трки на магариња, нешто што опстојувало во овој град со децении. Одговорот беше дека во овој дел на Македонија нема повеќе Магариња. |