Број 3530  понеделник, 14 март 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Македонија

Грипот стивнува, настинките напаѓаат

Јасмина Јовановска


Грипот стивнува, но затоа напаѓаат настинките и вирусните инфекции на горните дишни патишта. Дневно во ординациите на матичните лекари се прегледуваат и до педесетина болни, а кај дежурните служби во поликлиниките е како на митинг. Се прегледуваат и над 100 болни. Ако до пред две недели речиси секој четврти болен имал симптоми на грип, сега во тек на 24 часа може да има по два-три случаи на грип. Кај останатите пациенти доминираат, како што велат лекарите, настинките и вирозите, кои може да се искомплицираат во бронхитис или бронхопневмонија ако инфекцијата од носот и грлото се спушти на белите дробови. Болните најчесто се жалат на течење од носот, болки во грлото, како и на покачена телесна температура, која се движи од 38 до 39 Целзиусови степени. Лекарите велат дека со затоплувањето и поголемите дневни температури доаѓа сезоната на настинките, па ги предупредуваат луѓето соодветно да се облекуваат.

„Со затоплување на времето, луѓето почнуваат нагло да се расоблекуваат и да се изложуваат на сонце. Ваквите нагли временски промени, кои се шок за организмот, се идеални за вирусни инфекции што ги напаѓаат носот и грлото. Пациентите може да имаат и покачена температура, но таа е вообичаена за овие заболувања“, вели д-р Цанко Макариески од дежурната служба во поликлиниката „Јане Сандански“. Во оваа ординација се прегледуваат и до 120 болни, но д-р Макариески вели дека тоа е вообичаена бројка за нивната ординација, со оглед на тоа дека покриваат поголемо подрачје. Повеќето од болните што се јавуваат на лекар се со настинки, односно инфекции на горните дишни патишта. Макариески порачува соодветно облекување, како и да се избегнува нагло излегување на сонце.

На удар на настинките, исто како и кај грипот, се децата и лицата со намален имунитет. Во дежурната ординација за деца во поликлиниката „Букурешт“ за 24 часа се прегледуваат и по стотина деца. „Грипот како да поодминува, но сега се присутни настинките. Освен болки во грлото и течење од носот, настинката може да биде проследена и со покачена телесна температура меѓу 38 и 39 Целзиусови степени, која вообичаено трае до три дена, но може да биде и поупорна“, објаснува д-р Весна Чибрева од дежурната педијатриска служба во поликлиниката „Букурешт“. За настинките обично не се препишуваат антибиотици, но доколку има потреба, се оди и на тој чекор. Основно е настинатата, особено ако е со температура, да се одлежи неколку дена и да се внесуваат повеќе течности и витамини.

Драстичните температурни разлики лошо влијаат и на хронично болните, посебно оние со срцеви и крадиоваскуларни болести, кои се со поголем ризик за мозочен удар. „Доколку продолжат драстични температурни разлики меѓу денот и ноќта во наредните денови, може да се очекува зголемен број на мозочни удари“, предупредува д-р Оливер Алексовски, дежурен лекар од Службата за итна медицинска помош. Во итната служба се забележува мало зголемување на бројот на интервенции. Дневно има и до 120 повици од болни, а во саботата кај тројца пациенти било констатирано мозочен удар. „Се јавуваат и болни кои веќе прележале мозочен удар, кај кои доаѓа до поизразени симптоми на ударот, како и покачување на крвниот притисок“, објаснува д-р Алексовски.


#
Статијата е прочитана 1115 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Грчката амбасада агитира
Се тркаше цела Виница
Шест години семејството без Јохан
Власта предизборно - училишта за селaта

"""