Европа врие од штрајкови
Протести во Грција, Франција, Шпанија, Португалија, Чешка, Словенија...
Грција, Франција и Шпанија ова лето ги потресуваа силни демонстрации. Првите денови на мај во Грција беа одбележани со 48-часовен национален штрајк на јавните служби, а на 5 мај на улиците на Атина имаше околу 50.000 луѓе, а при нападот на една банка загинаа три лица. Исто така, грчкото лето беше одбележано со штрајкови, кои на своја кожа ги почувствуваа и многу туристи, наоѓајќи се заробени на блокираните патишта. На 23 јуни демонстрантите спречија патувања на странски туристи на траектите, а на 8 и на 29 јули повеќе од 12.000 луѓе беа на улиците на Атина, додека земјата беше парализирана од 24-часовен штрајк против реформите на пензискиот систем, со кој е предвидено 65 години да биде граница за пензионирање за сите. На 11 септември околу 20.000 луѓе во Солун демонстрираа против мерките за штедење, а на 21 и на 22 септември протестираа камионџиите во Атина.
Синдикатот АДЕДИ, кој има половина милион членови од државните служби, на 7 октомври планира 24-часовен штрајк, а во меѓувреме му се обрати на Врховниот суд да го поништи Меморандумот кој Владата го постигна со ЕК и ММФ. Грците ќе учествуваат и на 29 септември во паневропскиот штрајк.
Во Франција незадоволството врие од 24 јуни, кога имаше национален штрајк против реформите на пензискиот систем, со кој е предвидено до 2018 година старосната граница на пензионирање да биде зголемена од 60 на 62 години. Национален бран на незадоволство е искажан и на 7 септември, а на 22 и 23 септември синдикатите на улиците го изнесоа милионското членство, го парализираа сообраќајот, работата во компаниите, училиштата, болниците...
Шпанците излегоа на улиците од јуни, бидејќи не се задоволни со владиниот пакет реформи во областа на вработувањето. Овие реформи на 22 јуни малцинската влада ги протурка во парламентот, наспроти фактот дека на 8 јуни во штрајкот учествуваа 75 отсто од 2,3 милиони вработени во јавниот сектор. Прекинот на работата во метрото во Мадрид на 30 јуни погоди околу 2 милиона луѓе, а веќе сега постои страв каков хаос ќе настане на 29 септември.
На 12 и 25 јуни Италијанците протестираа во Рим и во другите градови поради владините мерки за штедење, замрзнување на платите во јавниот сектор, намалување на буџетот во локалните администрации. Најголемиот италијански синдикат ЦГИЛ на улиците изнесе повеќе од 6 милиони луѓе, а за октомври веќе се најавени општонационални демонстрации.
Мерките за штедење, најголеми во Германија по Втората светска војна, бидејќи беше најавено намалување на буџетот за дури 80 милијарди евра во идните четири години, на 12 јуни изведоа на улица повеќе илјади луѓе, а германските металци на 20 септември почнаа лимитирани прекини на работењето.
Во Чешка на 21 септември околу 40.000 медицински сестри, полицајци и службеници, на демонстрациите во Прага порачаа дека не се согласуваат со владината намера да ги намали платите во јавниот сектор.
Исто така, португалската влада предизвика незадоволство со мерките за штедење објавени во мај, но синдикатите за сега не излегоа на улица и се определија на друг вид притисок. Сепак, најголемиот синдикат ЦГТП кој брои 750.000 работници, најави учество во паневропскиот протест на 29 септември и тој датум се смета за почеток на интензивирање на акциите.
Англичаните исто така не се задоволни со владините мерки за штедење, од кои произлегоа многу откази. Повеќе милиони вработени во јавниот сообраќај на 7 септември во Лондон учествуваа во 24 часовен штрајк, а слични акции се најавени за 3 октомври, 2 и 28 ноември. Исто така ќе учествуваат во паневропскиот протест на 29 септември.
Учество во Паневропскиот штрајк најавува и Конфедерацијата на синдикатот на Литванија, која брои 26 синдикати, додека во Словенија за 27 септември штрајк најавија вработените во јавниот сектор, незадоволни со планираните реформи во пензискиот систем, за зголемување на старосната граница на 65 години. (Ек.Р.) |