Бодигардите на државниот врв со краток фитил
Зошто се случуваат инциденти во кои е инволвирано обезбедувањето на државниот врв?
Даниела Трпчевска
Ги нарекуваат верна сенка на државниот врв, бидејќи секогаш можат да се забележат во нивна близина како будно следат се' што се случува наоколу. Присутни се на сите средби со странски делегации, состаноци и преговори, на сите форуми и конференции во земјава. Дел од нив постојано ги обезбедуваат работните кабинети и вилите на ВИП-личностите.
Бодигардите или обезбедувањето на ВИП-личностите во земјава, како што тврдат надлежните, се луѓе со посебни психофизички способности, кои поминуваат низ специјални обуки и се тренирани да се справат со секакви ситуации.
„Тие се обучени да се воздржат од реакциите на околината, а гестикулации на лицето, гласно смеење или покажување сила се едноставно недозволени за луѓето ангажирани за обезбедување на политичкиот врв“, велат извори од Одделот за обезбедување личности и внатрешно обезбедување на објекти во МВР, или популарно наречената Шеста управа.
Доколку се точни ваквите квалификации за обезбедувањето на политичката елита во државата, тогаш останува нејасно зошто се случуваат инциденти во кои се инволвирани токму личности од најблиското окружување на државниот врв?
Најсвеж е примерот со вработен во Одделот за обезбедување на МВР, кој пред неколку дена го нападна снимателот на Телевизија Ера, Горан Најдов. Внатрешната контрола на МВР, по острите реакции во јавноста, најави дека полицаецот, кој бил дел од обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, ќе добие отказ од работа поради непотребно предизвикување инцидент.
„Со тоа што не се однесувал пристојно, одмерено, објективно и коректно и не ја почитувал личноста, достоинството, правата и слободата на граѓаните, вработениот постапил спротивно на утврдените правила на однесување. Со таквото постапување не го чувал својот углед и угледот на полицијата“, соопшти полицијата, овој пат експресно реагирајќи на несоодветното однесување на својот вработен.
Јавноста се' уште се сеќава и на инцидентот и тепачката во која беше инволвиран припадник на полициското обезбедување на вилата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. И за овој случај имаше експресни казни и разрешувања на обезбедувањето кое не ги почитувало правилата за однесување. Отказ од полицијата беше најавен и за полицаец ангажиран за обезбедување на странските амбасади во земјава, кој пред неколку месеци беше инволвиран во случај на киднапирање две малолетнички во Велес и нивна сексуална злоупотреба и продажба на клиенти во главниот град. Кривичната постапка за овој случај се' уште е во тек.
Критериумите за влез во Шестата управа се многу строги и ригорозни, тврдат надлежните, уверувајќи дека пропусти во нивната работа не се дозволени, бидејќи станува збор за многу чувствителна работа, од која зависи безбедноста и животот на државниот врв и нивните семејства.
Според законот, претседателот, премиерот и претседателот на Собранието имаат деноноќно обезбедување, а ВИП-третман е предвиден и за замениците на претседателите, како и за министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи, за правда, за финансии, како и за јавниот обвинител и за претседателот на Уставен суд, кои имаат лично обезбедување.
Според законот, лично обезбедување е предвидено и за кандидатите за претседатели за време на изборната кампања. Доживотно обезбедување добиваат поранешните претседатели и нивните семејства, додека за премиерот оваа привилегија важи само една година по престанувањето на неговата функција.
Одделот за обезбедување личности и внатрешно обезбедување на објекти е составен од три сектори и едно полициско одделение за сообраќајно и ескортно обезбедување. За некој да стане дел од тимот на популарната Шеста управа, мора да исполнува одредени критериуми што се пропишани во законот. Пред се', мора да има соодветно образование според работното место на кое ќе биде поставен, да е на возраст од 23 до 35 години, да е психофизички способен за работа, при што се врши тестирање и на неговата физичка подготвеност (брзина на трчање, правење склекови).
„Кондицијата се одржува со секојдневни тренинзи кои се состојат од пешачење, спортување и трчање по пет километри. Често се практикува и пешачење до Крстот на Водно“, велат извори од Шестата управа. Кик-бокс и други борачки вештини, исто така, се задолжителни за обезбедувањето од Шестата управа.
Тие поминуваат и низ специјална обука за движење со ВИП, за санирање евентуални повреди, мора да знаат да ракуваат со секаков вид оружје и редовно да одат на гаѓање, а треба да се оспособени и за препознавање експлозивни направи.
„Постои целосна координираност меѓу службите, па Шестата управа е меѓу првите што се информирани за сите случувања побрзани со безбедноста. Доколку има грабеж, пукање, инцидент, курцшлус во сообраќајот, веднаш и' се јавува на Управата, која е должна да реагира и да ја координира трасата по која се движат ВИП-личностите. Доколку инцидентот се случил во близина на трасата по која треба да помине некој од државниот врв, веднаш се менува патеката на движење за да се избегнат евентуални проблеми“, објаснуваат познавачите на проблематиката.
Иако се верна сенка на државниот врв, нивно преголемо зближување со личностите кои ги обезбедуваат не е дозволено, коментираат нашите соговорници, бидејќи тоа може да доведе до намалена концентрација, невнимание и грешки што можат да бидат кобни. |