Пропадна и третиот обид за старт на судењето за „Змиско око“
И третиот обид за започнување на повторениот судскиот процес што се однесува на 72 обвинети во случајот „Змиско око“ немаше успех. На вчерашното судско рочиште не присуствуваа двајца од големата група обвинети , но и еден од бранителите.
Судскиот совет на Основниот суд Скопје 1 донесе решение обвинетите, кои вчера не присуствуваа на судењето, во рок од три дена да го оправдаат недоаѓањето, бидејќи, во спротивно, за нив ќе биде активиран притвор. Скопскиот адвокат, Кочо Топузовски, кој, исто така, вчера не го оправда своето неприсуство, судот реши да го санкционира со парична казна од илјада евра во денарска противвредност.
Токму неприсуството на обвинетите и на адвокатот беа единствената причина за која судот мораше да го одложува овој судски процес, кој МВР уште во септември 2007 година го претстави како еден од најгoлемите успеси во спречувањето на криминалот. Судењето започна на први февруари и траеше се' до 28 ноември 2008 година. Обвинетите се товареа дека како вработени на наплатните рампи, на речиси сите магистрални патишта, со неиздавање сметки или со задржување на парите за себе го оштетиле државниот буџет за 170 милиони денари, односно четири милиони евра колку што тврдеше Јавното обвинителство. На крајот, по одржани 34 претреси, судот изрече затворски казни само за 13-мина, а преостанатите 59 обвинети беа осудени на условни казни во траење од по пет години, но предметот падна токму во поглед на штетата. Во декември минатата година Апелациониот суд во Скопје донесе решение со кое првостепената пресуда се укинува и предметот го врати на повторно одлучување. (Љ.С.) |