Гошев: Владата се задолжува поради буџетскиот дефицит
Вкупниот јавен долг изнесува 1,844 милијарди евра, а годинава со буџетот е предвидено да се вратат вкупно 186 милиони евра вели Петар Гошев
Соња Маџовска
Буџетскиот дефицит е главна причина за новото задолжување на Владата на домашниот пазар. По која цена ќе се задолжува државата, одлучува Министерството за финансии. Ова е ставот на гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев.
Во врска со тоа зошто Владата се реши на вонредна аукција со издавање едномесечни државни записи за првпат, и тоа со камата од дури 8,9 отсто, гувернерот објаснува дека причина е буџетскиот дефицит.
„Тоа е работа на Министерството за финансии. Во буџетот има дефицит, а тој може да се финансира од домашни извори и со надворешни задолжувања. Може и со комбинација, со внатрешно и со надворешно зајмување. По која цена ќе се задолжува Владата, одлучуваат надлежните институции за буџетот“, вели Гошев.
Иако опозицијата завчера отворено ја обвини Владата дека задолжувањето со високи камати на државните записи неминовно ќе доведе и до зголемување на банкарските камати, Министерството за финансии возврати дека каматите се формираат пазарно. И премиерот Никола Груевски вчера изјави дека издавањето едномесечни државни записи било редовна работа што се прави со години наназад.
Експертите, пак, коментираат дека продажбата на државните записи со олку високи камати ќе влијае и на зголемување на банкарските камати. Тие објаснуваат дека екстра-каматите можеби се резултат на потребата, од една страна, итно да се пополни буџетската дупка, а од друга страна, со високите камати да се привлечат повеќе инвеститори. Паѓа во вода објаснувањето на Министерството за финансии дека државните записи биле издадени поради барање на клиентите, бидејќи ако се анализираат наназад аукциите, ќе се види дека записите не биле продавани 100 отсто.
Според официјалните податоци од веб-страницата на Министерството за финансии, за три месеци се реализирани и пет аукции на тримесечни државни записи, со што по оваа основа се зајмени пари од домашниот пазар во износ од 94 милиони евра. Каматите за овие записи се движеле од 7,5 до 8 отсто, но биле продадени помалку од понудените износи. Може да се заклучи дека како што е поголема долгорочноста на записите, каматите се помали, но и заинтересираноста на инвеститорите се намалува.
Овие задолжувања на Владата го билдаат внатрешниот долг, но од почетокот на годинава е зголемен и надворешниот долг, исто така, за потребите на буџетот. Надворешниот долг е зголемен од 1,113 милијарди, колку што изнесувал во декември лани, на 1,136 милијарди евра заклучно со јануари годинава. Има зголемување за 23 милиони евра, а најголемиот дел од долгот го направила централната Влада за потребите на буџетот.
Заедно надворешниот и внатрешниот долг, кои го даваат вкупниот јавен долг на државата, заклучно со јануари годинава изнесува 1,844 милијарди евра. Според податоците од Министерството за финансии, од годинашниов буџет се планира да бидат отплатени 70 милиони евра кон надворешните кредитори и 116 милиони евра кон внатрешните кредитори.
Инаку, допрва се очекува да расте надворешниот долг поради ветените 8 милијарди евра владини инвестиции. Со нова стратегија Владата ќе оди на зголемување и на надворешниот долг, кој се планира да се искачи на 40 отсто од БДП. Домашните експерти веќе предупредија дека државата нема толкава моќ за задолжување и дека ниту може да ги најде тие пари ниту да ги враќа. (С.М.) |