Познат македонски бренд - илузија
Малата застапеност на нашите производи надвор и извозот, главно, фокусиран на суровини или полупроизводи, се клучните причини зошто Македонија тешко креира сопствен бренд, препознатлив пошироко од регионот, истакнаа учесниците на вчерашната трибина „Како да се креира успешен македонски бренд“.
Последните истражувања покажуваат дека меѓу првите 25 најпрепознатливи брендови од поранешните југословенски републики, како што се „бајадера“, „вегета“, нема ниту еден македонски.
„Во Македонија е полесно да се направи добар бизнис од промовирање странски бренд отколку да се креира свој“, рече Илијанчо Гаговски од „Мајкрософт“, според кого хендикеп е малиот пазар.
„Да зборуваме за македонски бренд познат надвор е илузија во овој момент“, смета Филип Петревски, директор на „Идеја плус“. „Македонски бренд препознатлив на надворешниот пазар не постои, освен можеби на регионално ниво. Не можеме да градиме бренд ако не' нема на пазарот. Тоа е главна причина зашто македонските брендови се толку слаби. Нашите производи не се доволно застапени на пазарите надвор, затоа и не можеме да имаме познати брендови“, рече Петревски. Според него, за креирање бренд се потребни инвестиции врзани со банкарскиот сектор, поддршка на македонските компании, пробивање на производот надвор и негово постепено ширење најпрво на околните пазари, потоа и пошироко. (МИА) |