Странците не одат ни на суд за нашите матни тендери
Компаниите од светот одамна, а веќе и домашните, се' повеќе креваат раце од јавните набавки во земјава
Соња Маџовска
Дали јавните набавки се легло на корупција, па затоа и натаму се слаба точка во домашната економија, како што оценува Европската комисија? Дали е тоа причината за нивното се' почесто поништување, од една страна, а од друга, пак, се јавува незаинтересираност кај понудувачите, па за нив тоа се' повеќе значи залудно трошење време и пари кога однапред знаат, или барем претпоставуваат, за кого е наменет тендерот?
Странските фирми одамна, а веќе и домашните, се' повеќе креваат раце од јавните набавки, па дури и ако учествуваат и не добијат, како да немаат волја да одат до крај, да обжалуваат и да тужат.
Зошто кај нас секој втор тендер пропаѓа, а фирмите потоа не се обидуваат ниту да се жалат, а камоли да тужат. „Еден од најголемите проблеми кај јавните набавки во земјава се начинот и можностите за поништување на постапките за јавни набавки, особено кога има јавно отворање на понудите. Во ваков случај не смее да има поништување на постапката, бидејќи се нарушуваат основните принципи на јавните набавки. Тоа се отворени понуди со цени и понудувачите ги дознаваат. Секој ја знае понудата на другиот. Но, проблем е тоа што веднаш потоа има нов тендер, на кој би добиле адаптирани - наштимувани понуди, со што комплетно се урива конкуренцијата. Тоа е една од моите препораки - во тој дел законот да биде рестриктивен. Со тоа на инвеститорот ќе му се даде знак дека има правна сигурност, односно дека е рамноправен учесник. Тоа, всушност, е една од главните причини поради која странците се повлекуваат“, објаснува Анета Данева-Мострова, поранешна директорка на Бирото за јавни набавки, а сега адвокатка.
Според неа, по првото поништување на тендерот на странците не им паѓа напамет повторно да се јават, и во тие случаи си одат во друга земја. Мострова во последниве четири години работи со клиенти што учествуваат на јавните набавки. Од своето искуство вели дека се' повеќе фирмите се повлекуваат и од судските постапки. „Најчесто понудувачите немаат можност да дадат свои забелешки на постапката, а кога ќе се пожалат, жалбата им се отфрла. Затоа фирмите не ни помислуваат да влезат во судска постапка, да трошат и пари и време на нешто што однапред им изгледа несигурно. Има многу жалби што се отфрлаат од страна на Државната комисија. Интересот за жалби е намален и поради цената, бидејќи поднесувањето жалби чини од 200 до 400 евра. Не значи дека тие треба да бидат ниски и да се стимулира обжалувањето, но да биде адаптиран на нашиот стандард. Има и еден друг момент, кога фирмите се плашат да поднесат жалба за потоа да не бидат елиминирани на некој нареден тендер. Тоа од формален аспект нема никакво оправдување и не смее да биде вака. Кај нас нема црна листа на понудувачи“, објаснува Мострова, која деновиве магистрираше на оваа тема.
Таа смета дека има и случаи кога постапките пропаѓаат од незнаење и затоа треба да се работи на долг рок и во однос на кадрите и на поставеноста и надлежностите на Бирото, кое сега како да е маргинализирано.
Проблемите со јавните набавки од аспект на корупција треба да се решаваат, а не и натаму да значат проблематична област по која не' препознава Европа. Експертите советуваат дека не треба да се измислува топла вода, туку само да се следат примерите што ги применуваат европските земји, што веќе се практикуваат и во соседството. Едно од решенијата, според нив, е понудувачите да бидат вклучени во постапката за јавни набавки. Позитивен пример има Бугарија каде што фирмите имаат здружение на понудувачи и, според Законот, имаат право да ја следат и да учествуваат во постапката. На овој начин понудувачите се посигурни, бидејќи знаат дека има кој да ги штити нивните интереси. Експертите предлагаат и спојување на концесиите и јавното приватно партнерство, бидејќи тие секаде во светот се на едно место.
Жалбите на фирмите најчесто в канта
До Државната комисија за жалби по јавни набавки секој ден пристигнуваат жалби, но најчестите одговори се дека тие се одбиваат како неосновани, или едноставно само се отфрлаат. Мал е бројот на жалби��е што се прифаќаат. За оваа година нема податоци, а, според податоците од минатата година, се гледа дека до Комисијата пристигнале вкупно 1.044 жалби. Од нив 429 се одбиени, 150 биле отфрлени, а 105 повлечени, односно уважени биле само 249 жалби. По жалбената постапка, само 105 тужби биле поднесени до Управниот суд, а од нив само 26 биле уважени, додека другите се или одбиени или отфрлени.
Европа го впери прстот кон „црните“ тендери
Европската комисија и оваа година во извештајот ни напиша дека токму тендерите ни се најцрна точка во економијата, со забелешка дека продолжуваат трендот на нивно поништување и недостатоците во спроведувањето. Според ЕУ, се' уште има недоволно свест во однос на конфликтот на интереси, етиката и спречувањето на корупцијата во овие постапки, па оцената е „сериозни нерегуларности“. |