Специјалците на МВР на готовс за изборите
МВР нема да толерира никој што ќе се обиде да го узурпира правото за гласање, изјави Јанкуловска
Горан Адамовски
И припадниците на специјалните полициски сили ќе бидат на готовс за реакција доколку в недела се случат инциденти на гласачките места каде што ќе се избираат локалните власти и „таткото на нацијата“. Во МВР уверуваат дека ќе сторат се' што е во нивна ингеренција за граѓаните да можат мирно и без притисоци да гласаат.
„МВР нема да толерира никој што ќе се обиде да го узурпира ова граѓанско право, без разлика дали се работи за припадник или симпатизер на некоја политичка партија или обичен криминалец“, изјави министерката Гордана Јанкуловска на вчерашната средба со новинарите.
Во акцијата на МВР со работен наслов „Избори 2009“, била извршена обука на целокупниот униформиран состав, кој ќе учествува во обезбедувањето на изборите, како и на вештаците од Одделението за крим-техника, кои би требало да ги обезбедат неопходните докази доколку дојде до несакани инциденти. Поделени биле и 8.500 летоци со насоки за постапување на полицијата, а бил назначен и полициски советник за директен контакт со ДИК. МВР ги поддржа и кампањите „Не играј си со иднината“ и „Не пукај во иднината“, на НВО.
„Сите службени лица и полициските возила ќе бидат соодветно обележани, а полицајците ќе носат сини униформи и соодветни елеци, по кои ќе бидат препознатливи. Полицајците на терен ќе бидат во постојана врска со помошните штабови во осум сектори, кои редовно, пак, ќе го известуваат оперативниот штаб. За сите проблеми со кои би се соочиле граѓаните постојано ќе им стои на располагање и дежурниот центар за состојби и повикувачкиот број 192“, изјави Јанкуловска. Министерката најави засилено полициско присуство за сите места кад�� што во минатото имаше инциденти, односно на местата кои и годинава важат за проблематични. Во полицијата најавуваат дека евентуалните инциденти и осомничените кои ќе бидат приведени на самото место ќе бидат истражувани и санкционирани по итна постапка.
Јанкуловска ги потсети политичките партии дека кај нив е најголемата одговорност за одржување мирни и демократски избори, а до граѓаните апелираше да покажат дека Македонија заслужува да биде членка на ЕУ и на НАТО.
На прес-конференцијата, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, изјави дека МВР во врска со минатогодишните избори расветли 57 случаи на нарушување на изборниот процес, за кои беа пријавени 212 сторители за сторени 86 кривични дела и поднесени 49 кривични пријави. |