Изборите под лупа на 7.000 набљудувачи
Над 7.000 странски и домашни набљудувачи ќе ги следат претстојните претседателски и локални избори што ќе се одржат в недела. Толкава е бројката на акредитирани набљудувачи во Државната изборна комисија која, според ДИК, е поголема во однос на претходните избори. Овој изборен процес, во кој ќе се гласа и за претседател и за претставници во општините, очигледно предизвика зголемен интерес и кај странските, но и кај домашните набљудувачи, кои оценуваат дека, едноставно, насилство не смее да се случи. Покрај редовните набљудувачи, во изборите активно ќе се вклучат и партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што беше случај и на минатите избори. Ова од партијата го објаснуваат како дополнителен доказ дека се решени за спроведување фер и демократски избори.
Во ДИК се регистрирале 6.981 домашен набљудувач и 524 странски набљудувачи, што е за околу 1.000 повеќе од претходните парламентарни избори. Од домашните набљудувачи, најголем број или 4.520 се од невладината организација „Мост“, што е за 500 повеќе од предвремените парламентарни избори што се одржаа лани. Оттаму велат дека ќе бидат распоредени 3.750 набљудувачи, а бројката е поголема поради комплексноста на процесот, бидејќи се работи за два изборни циклуса што ќе ги следат поединечно. На второ место се Здружението за хуманитарни активности „Синергија“ од Штип, кои акредитирале 770 набљудувачи и Едукацион плус Македонија со 692 набљудувачи.
„Најголем број од набљудувачите се домашни, како број на организации, но и како број на лица што ќе ги следат изборите. Најбројни се набљудувачите на ’Мост‘. Набљудувачите имаат право само да ги мониторираат изборите, а притоа да го почитуваат кодексот за набљудување. Тие не смеат да се мешаат во работата на изборните органи“, вели Зоран Таневски од Државната изборна комисија.
За стотина е зголемен и бројот на странските набљудувачи за овие избори во споредба со п��едвремените парламентарни и сега бројат 524. Од нив најголем е бројот на набљудувачите на ОБСЕ-ОДИХР, а по нив, според бројноста, се и набљудувачите на ОБСЕ.
„На минатите избори имаше насилство, но не можевме да ги покриеме сите случувања. Затоа сега е зголемен бројот на луѓето кои ги ангажираше ОДИХР со цел да се детектираат жешките точки“, вели поранешниот австриски амбасадор во земјава, Харалд Кочи, кој ја следи соработката на меѓународните организации за време на изборите во државава и го набљудува изборниот процес.
Изборите ќе ги следат и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ. (Ж.Х.З.) |