Пребирливи или неподобни идни судии?
Маневски ја користи секоја можност за да каже дека академците не ја сакаат провинцијата и оти сакаат работа во главниот град
Гордана Дувњак
Завршените кандидати на Академијата за обука на судии и обвинители тврдат дека се ноторни невистини изјавите на министерот за правда дека не постои интерес кај нив да конкурираат во судовите и обвинителствата во внатрешноста. Министерот ја користи секоја можност за да подвлече дека академците не ја сакаат провинцијата и оти помили им се двата скопски суда и обвинителството во метрополата. Маневски дури најави и законски измени за санкционирање на пребирливите. Тој откри дека со измените е предвидено ако кандидатот три пати едноподруго не се пријави на оглас да го изгуби правото да биде избран за судија, односно за јавен обвинител.
Чашата на трпението на завршените кандидати го прели последната отворена владина седница, кога на директното прашање на премиерот Никола Груевски на оваа тема, Маневски категорично кажа дека тие се незаинтересирани и не се јавуваат на огласите.
Наспроти ваквиот став, академците со кои разговаравме, а кои од разбирливи причини сакаат да останат анонимни, велат дека не е во прашање нивна пребирливост, туку очигледно станува збор за „тактика на власта“. Идните судии и обвинители да се пуштат во потрага по лобисти во партиските штабови што ќе им обезбедат поддршка. Тие се сомневаат дека е можно, поради нивната наводна незаинтересираност, да се прикаже како неопходност потребата од пролонгирање на законскиот рок за избор на судии и кандидати по стариот закон, кој до истекот на идната година, требаше да изнесува фифти-фифти, а по истекот на тој рок да се избира само од редот на завршените кадри на Академијата.
Моментно педесет отсто од слободните судиски и обвинителски места треба да се пополнат со кандидати од Академијата, а останатите педесет со дипломирани правници со потребното искуство. Тоа оставаше простор за влез во судството на многу адвокати, стручни соработници, правници од фирми... Но, завршените кандидати тврдат дека тој однос е нарушен во корист на слободњаците. Тие негираат дека нивните колеги од внатрешноста се „тепаат да дојдат во Скопје“ и велат дека голем дел од нив конкурираат во матичните градови или, пак, се блиску до нивното место за живеење. Потсетуваат дека голем дел од нив имаат формирано и семејство и не се решаваат лесно на преселување.
Намерата на власта за отстапување од претходно зацртаното веќе јасно е преточена и во измените на Законот за судови, каде што е внесена одредбата за пролонгирање на рокот за избор на судии исклучиво од Академијата од 2013 година. Опозициската СДСМ во ова гледа свесна тенденција за „полнење на судството со партиски кадри“ и реши да поднесе амандман со кој овој рок ќе биде скратен. Тие предлагаат законот да стапи во сила од денот на објавување во „Службен весник“.
Претседателот на Судскиот совет, Васил Грчев, нагласува дека сега се избираат кандидати од втората генерација завршени академци. „Не сум сигурен дека се отстапува од законските пропорции при изборот. Но, не треба да се заборави дека водиме сметка не само за тоа кандидатите да бидат од Академијата, туку и од редот на етничките заедници“, вели Грчев. Тој вели дека не забележал оти некој завршен кандидат не бил примен во друг град во внатрешноста.
Но, дали навистина завршените кандидати од Академијата се толку пребирливи или партиски неподобни? „Утрински весник“ имаше можност да се увери во пријавите на неколкумина кандидати од втората генерација завршени студенти на Академијата. Од 25 завршени, 15 се' уште не се избрани за судии и обвинители, на кои им се приклучува и еден нивен колега од првата генерација. До крајот на годинава ќе заврши и третата генерација, а во октомври се запиша и четвртата.
Речиси и нема кандидат што не се јавил на најмалку два огласа, а има еден кандидат од средниот дел на Македонија, кој конкурирал дури на седум места. Упорниот академец се јавил и за судија во Велес, Куманово, во околните градови, но никаде не е примен. Судскиот совет дури отиде дотаму што кажа дека не се јавил ниту еден од Академијата за слободното место во Велес. Но, затоа кандидати од Гостивар и од Кичево се примени во Скопје. |