Паљурци ќе не' скара со Ватикан
Случајот со дев��тте милиони квадрати земјиште, кои Католичката црква не успева да ги врати, може да се најде и пред Судот во Стразбур
Билјана Јовановска
Може ли Католичката црква во Македонија да остане без деветте милиони квадрати земјиште во Паљурци? Ако се цени според одлуката на Управниот суд, донесена деновиве, одговорот е - да, но Католичката црква нема туку-така да се откаже од големиот земјишен комплекс за кој има тестамент и над 30 тапии. Веќе е изготвена тужба до Врховен суд и ќе се чека исходот, а во случај одлуката да биде негативна, правдата ќе ја побара во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Дотолку повеќе што станува очигледно дека проблемот има и политички елементи, но за нив во Црквата се' уште не говорат.
Во меѓувреме, за очекување е дека ќе ни се случи максимално заладување на односите со Ватикан, бидејќи во Рим не се подготвени за уште еден случај како Секирник, кога поради безумните спротивставувања на селаните од Струмичко беше попречена обновата на католичката црква. Ова, само навидум, мало недоразбирање ги доведе до црвена линија меѓудржавните односи меѓу Македонија и Ватикан и сериозно го стави под прашалник тогашното чествување на св. Кирил во Рим и аудиенцијата на државниот врв кај папата Бенедикт Шеснаесетти. Но, ако тогаш Ватикан малку и' прогледа низ прсти за каменувањата на клерот и верниците на Католичката црква во Секирник, овој пат нема да се случи тоа.
Барањето за денационализација на имотот тежок девет милиони квадрати во Паљурци се влечка седум години. Станува збор за земјишен комплекс чиј сопственик бил отец Јосиф Алоати, кој во 1927 година им го подарил на сестрите евхаристинки. Во тестаментот отецот прецизира дека имотот му го донира токму на овој сестрински ред од Католичката црква, бидејќи тој него го основал во 1889 година во Солун. Паљурци до почетокот на минатиот век бил значаен духовен центар на евхаристинките и таму имале свој манастир, црква, училиште, сиропиталиште...
Минатата година првостепената Комисија за денационализација при Владата и' го врати земјиштето на Католичката црква. Но, оваа решение веднаш го оспори државниот правобранител од Гевгелија и жалбата на Црквата до второстепената владина Комисија не доби позитивен одговор. Затоа, случајот со деветте милиони квадрати земја се најде пред Управниот суд, кој, како што вели апостолскиот егзарх и скопски бискуп г. Киро Стојанов, му даде сосема поинаков тек. „Нема да отстапиме, бидејќи причините што судот ги посочи во одбивањето на нашата тужба се неосновани. Од само ним познати причини, сопственоста на земјиштето судот ја пренасочи од отец Алоати на сестра Невена Мусева, што е апсурд“, вели г. Стојанов. Тој објаснува дека во 1940 година, поради опасност тестаментот да биде уништен, сестра Мусева го предала на чување во амбасадата на Италија во Софија, за сега, неочекувано, овој факт да се изврти и судот ја прогласи за сопственик! Освен тоа, во судското решение, се посочува дека земјиштето не било платено, иако за секоја парцела постојат тапии со износите што отец Алоати му ги платил на „Турчин од Македонија“, како што пишува во тестаментот.
Индикативно, но откако летово Католичката црква постави камен-темелник за црква во Паљурци, одеднаш со исто барање излезе и Повардарската епархија на Македонската православна црква со која раководи владиката Агатангел. Зошто токму сега пројавија желба за градба на православен храм на локалитет чија сопственост се' уште не е решена, а познато е дека го побаруваат нивните собраќа од Католичката црква, може само да се претпоставува. Засега, имајќи предвид дека постапката за денационализација на Паљурци е во тек, општината Богданци, на чија територија се наоѓа, одби на МПЦ да и' даде локација за градба, иако, се тврди, притисоците се големи. |